Агенцијата за храна и ветеринарство најостро ги демантира наводите изнесени во вчера објавениот напис на порталот centarnews.net со наслов “Внимавајте: Отровни детски сокови во Македонија- граѓаните реагираат”.
Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство, денес, понеделник, 18.01.2016 година, извршија контрола кај компанијата Соко Горица дооел,за која во написот неосновано се тврди дека е производител на небезбедни сокчиња за деца.Од страна на инспекциските служби, со контролата констатирано е дека станува збор за оператор со храна кој е регистриран во Агенцијата за храна и ветеринарство и кој го има имплементирано HACCP и другите системи за безбеднoст на храната и работи согласно барањата пропишани во законските и подзаконските акти кои ја регулираат оваа материја и кои се целосно усогласени со европската легислатива. Освен денешната контрола, кај овој оператор со храна, од страна на инспекциските служби направени се неколку контроли во текот на минатата година, при што не се констатирани недоследности во работењето.
Во посочените производи, кои спаѓаат во категоријата нискоенергетски освежителни безалкохолни пијалоци кои ги произведува оваа компанија, се употребуваат исклучиво дозволени адитиви, меѓу кои се и посочените во написот засладувачи Е950, Е951*, Е952, Е954, регулатори на киселост: лимонска киселина, Е330 и натриум цитрат Е331, антиоксиданс аскорбинска киселина Е300, конзерванси: Е211 и Е202, боја: Е122 и ароми, во дозволени концентрации. Потврда за безбедноста на овие производи, кои оваа компанија ги извезува и во соседните земји, се направените лабораториски испитувања кои согласно HACCP планот ги врши компанијата производител. Од страна на инспекциските служби, за потврда, денес, земени се и мостри за дополнително лабораториско испитување.
Означувањето на посочените производи е соодветно, во согласност со пропишаните барања.
Како одговорна институција за безбедноста на храната, од АХВ апелираат до медиумите непотребно да не се создава паника и да не се руши довербата на потрошувачите кон домашните оператори со храна, а секоја недоследност граѓаните да ја пријават во одговорната институција – Агенцијата за храна и ветеринарство- лично, на електронската адреса info@fva.gov.mk или на бесплатниот телефонски број за потрошувачите 0800 3 22 22.