Презентирани природните, туристичките и инвестициските можности на Битола на вториот ден од приемот на дипломатскиот кор

На вториот ден од приемот за членовите на дипломатскиот кор акредитирани во Република Македонија, претседателот Иванов и членовите на дипломатскиот кор го посетија инфо – центарот „Пелистер”, каде беше одржана презентација за природните и туристичките карактеристики на Националниот парк Пелистер. Потоа, во хотелот „Молика” се одржа презентација за инвестициските можности на општина Битола, од страна на градоначалникот на Општина Битола, г. Владимир Талески.

„Оваа средба е прекрасна бидејќи има многу повеќе амбасадори отколку на вообичаените средби во Скопје. Паркот е прекрасен и ги потврдува своите можности за развој на различни спортови и посебно планинарењето кое е се попопуларно во Европа. Сакам да потсетам дека токму тука на оваа планина пред 100 години, во јануари 1916 година, се водеа војни, и ова е момент да се одбележи годишнината од потпишувањето на Елисејскиот договор и да се порача дека не треба да има поделби и, напротив, заеднички да гледаме во иднината и Македонија да биде дел од Европа“, посочи француската амбасадорка Лоренс Оер.

За убавините на Пелистер говореше и американскиот амбасадор Џес Бејли кој рече дека повеќепати доаѓал во Националниот парк „Пелистер”.

„Пелистер е голем ресурс. Минатата година се одморав на Пелистер и пак сум тука. Американскиот народ има голема традиција за планинарењето и затоа ќе иницирам пешачење на една поголема планинарска тура која ќе биде од оваа, до другата страна на планината, односно до Преспа“, изјави амбасадорот Бејли.

За дипломатскиот кор во Република Македонија, градоначалникот на општина Битола Владимир Талески и претседателот на Регионалната стопанска комора Мирко Велковски приредија презентација за економскиот потенцијал и инвестициски можности што ги нуди овој град.

„Очекувам наскоро да почне изградба на фабриките во индустриската зона „Жабени”, односно две турски и три италијански компании. Амбасадорите ги информирав дека во 2016 година очекуваме и други инвестиции за што како општина нудиме целосна поддршка. Довербата е изградена и почнуваме процес за позитивното живеење на граѓаните отворајќи нови работни места. Мислам дека успешно ја искористивме приликата да ги презентираме нашите потенцијали и можности на градот пред највисоките претставници на разни држави, односно дипломатскиот кор во Република Македонија,“ нагласи градоначалникот Талески.

Изминатите години, покрај Битола, дипломатскиот прием беше приреден и во Крушево, Гевгелија и во Берово.

pelister02 (1)