ОО на СДСМ Дебрца испрати соопштение до медиумите во кое стои:
„На трибината, која во организација на ОК ВМРО ДПМНЕ Дебрца се одржа во Мешеишта и на која присуствуваше пратеникот Антонио Милошоски, кој симптоматично во Дебрца доаѓа само пред избори, од најавена трибина на која граѓаните требаше да даваат идеи, сосема очекувано се претвори во партиска трибина.
Тоа беше уште една трибина на која во веќе виден популистички стил се манипулираше партиското членство, со лажни ветувања, виртуелни проекти и добропознатите политики “немаме за леб, а трошиме на чоколадо.”
Доблесно ќе беше пред да се даваат нови ветувања, да се даде одговор што е со претходно дадените ветувања како:
-каде е индустриската зона во Мешеишта во која се најавија многу инвеститори;
-каде се осумте винарии во Мешеишта во рамките на Проектот “100 винарии”;
-каде се 200-те нови вработени во рудникот Стогово;
-каде е ветениот откупно дистрибутивен центар за земјоделски производи;
-каде е ветената реконструкција на регионалниот пат Ботун-Велмеј;
-каде е ветената санација на распуканата брана на Слатинското езеро;
-каде е помпезно отворената полициска канцеларија во село Белчишта, која работеше “цел“ еден ден;
-каде се ветените канализациони системи за селата Велмеј и Лешани, кои и онака требаше да се градат преку задолжување на општината;
-да ги прашаа земјоделците како преживуваат во услови кога или неможат да ги продадат своите производи или ги продаваат по мизерни цени и дали ги добија ветените субвенции;
-да им се објаснеше на граѓаните на кои им се експроприра недвижен имот долж Автопатот А2 зошто им се дава надоместок чија вредност е под пазарните цени;
-да се запознаат со судбината на тристотината работници кои беа отпуштени од работа по стечајот на последната поголема фабрика во Дебрца, Сипо-Белчишта ;
-да ги прашаа граѓаните како во 21 век со денови живеат без електрична енергија поради честите испади на застарениот електродистрибутивен систем и
-редица други неодговорени прашања кои ги тангираат интересите на граѓаните на Дебрца.
Поради „Дил ориентед“ политиките на ДПМНЕ и Никола Груевски и виртуелните проекти, Дебрца, како и цела Македонија останаа без млади луѓе.
Граѓаните имаат идеја: збогум Никола!“ – стои во соопштението од ОО на СДСМ Дебрца.