Нова инвестција на Џонсон Контролс од 20 милиони долари во ТИРЗ Струмица

Американската глобална компанија од областа на автомобилската индустрија ќе инвестира 20 милиони долари во ТИРЗ Струмицав за изградба на нова фабрика за производство на покривки за автомобилски седишта.

Договорот за новата инвестиција денеска во Скопје во присуство на премиерот за спроведување на изборите Емил Димитриев, вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски го потпишаа директорот на Џонсон Контролс, Вили Ван Лој и директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо.

Директорот на Трим групацијата на Џонсон Контролс, Питер Хајфт, изјави дека покрај фабриката во Штип ова е втора фабрика на компанијата во Македонија. Одлуката повторно да инвестираат во земјата рече, уследила по одличните резултати од двегодишното работењето на нивната фабрика во Штип, каде работат 1.800 лица, како и поради успешната соработка со Владата.

„Отворањето на нова фабрика е важен настан. Ова не е само значајна инвестиција од 20 милиони долари, туку истовремено и можност за нови вработувања кои заедно со оние во фабриката во Штип изнесуваат над 3.000 работни места,“ рече Хајфт.

Вицепремиерот и министер за финансии Ставрески истакна дека секоја нова инвестиција е задоволство бидејќи носи нови работни места, зголемен извоз и значи просперитет за регионот каде што се случува и за државата, а задоволството е уште поголемо кога постоечки инвеститор како Џонсон Контролс ќе се реши повторно да инвестира во некоја од слободните зони.

„Тоа е најдобар доказ дека инвеститорите се задоволни од бизнис климата, она што го добиваат во Република Македонија како бизнис амбиент и затоа се решават своите средства да ги инвестираат по втор или по третпат. Од друга страна таа нова фабрика за нас значи и исполнување на едно ветување кое сме го дале пред граѓаните на РМ односно пред граѓаните на општина Струмица дадено со досегашниот премиер Груевски дека ќе настојуваме и во Струмица да донесеме инвеститор. За Струмица ова значи многу бидејќи се работи за голема инвестиција од финансиски аспект, но уште повеќе од аспект на бројот на работни места, овојпат 1.500 нови работни места“, рече Ставрески.

Тој нагласи дека вработувањето на 1.500 луѓе ќе обезбеди егзистенција за 1.500 семејства, воедно ќе имаат можност да работат во една од водечките светски компании, да го учат технолошкиот процес и да претставуваат квалификувана работна сила.

„Ние сме задоволни како Влада што со вкупниот бизнис амбиент и првокласната поддршка како и за секој друг инвеститор успеавме да се договориме да дојдат повторно во Македонија. Тука не се само даноците во прашање, работата на царината и на останатите државни институции. Станува збор за вкупната структура што е формирана за привлекување странски инвестиции и она 12. место во светот според Дуинг бизнис кое преточено во реалност значи токму нови инвестиции“, рече Ставрески.

Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Мизо нагласи дека особено радува што се повеќе инвеститори изразуваат интерес да вложуваат во зоните надвор од Скокпје, а со оваа инвестиција станува функционална и зоната во Струмица. Тој истакна дека за оваа инвестиција претендирале и повеќе други земји.

Во новиот капацитет во Струмица, кој прво ќе функционира како браунфилд инвестиција, веќе се ангажирани 130 лица кои поминале обука, а до крајот на годината бројот на вработени ќе изнесува 400 лица. Ќе се произведуваат компоненти за мерцедес, форд, џенерал моторс, како и за други гиганти во автомобилската индустрија во Европа. Производствениот капацитет ќе биде со површина од 13 илјади метри квадратни со исти параметри како фабриката во Штип и се очекува извозот да надмине 80 милиони евра на годишно ниво. Во новоизградениот објект производството треба да започне во март следната година.

potpisuvanje_g222_0