Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денес одржа прес-конференција, на која истакна:
„За Македонија да тргне напред потребни се слободни, фер, кристално чисти демократски избори.
На 24 април такви избори не може да има.
СДСМ, коалициските партнери и многу други партии нема да учествуваат на еднострано закажаните избори на 24-ти април.
Договорот во Пржино беше склучен да се надмине политичката криза а не да се продлабочи.
Сега секој граѓанин на Македонија лично се увери дека Никола Груевски не сака слободни и фер демократски избори затоа што знае дека ќе ги изгуби.
Тоа се вистинските причини поради коишто Никола Груевски не сака прочистен Избирачки список и слободни медиуми.
Ние, заедно со граѓаните сме во одбрана на уставниот поредок и демократските принципи на коишто почива независноста на Република Македонија.
Основниот, елементрен демократски принцип е еден човек еден глас.
Не фантомски гласачи, туку вистински. Не фантомска волја туку слободно изразена волја на граѓаните.
Без почитување на овој принцпип нарушена е суштинската смисла на демократијата на којашто се поставени темелите на современа Република Македонија.
СДСМ, коалициските партнери од оваа борба нема да отстапат. Без прочистен избирачки список и без слободни медиуми нема фер и демократски избори.
Драго ми е што и другите опозициони партии во државата силно се борат за фер и демократски избори.
Драго ми е што и многу активни граѓански организации се борат за истите вредности.
Ова е борба за спас на Македонија и во неа заедно ќе победиме.
По изборите, новата влада предводена од СДСМ заедно со граѓаните ќе обезбеди стабилна, сигурна Македонија која ќе продолжи по патот на европските интеграции и ќе биде пример за успешно решавање на предизвиците коишто моментално се исправени пред нашата земја.“– истакна Заев.
Одговори на новинарски прашања
Медиуми: Дали мислите дека новиот Универзитет ќе придонесе за подобрување на високото образование во Македонија?
Заев: Ние ги знаеме сите сегменти во севкупниот образовен систем во РМ, вклучитечно и високото образование. Ние мораме сите заедно да направиме исчекор кон враќање на независноста и самостојноста на универзитети и враќање на квалитетот на целокупнит образовен процес. За да се отварат вакви постапки за вакви нови тенденции или нови универзитети, мора да постои јавна расправа, утврдена потреба, кои се заинтересираните студенти и слично за да може во нормална земја да се градат вакви ставови. Проблемите се тоа што власта окупирала се во РМ, а со тоа ја уништила независноста на универзитети во РМ.
Медиуми: Што ако изборите се одржат на 24 април без СДСМ?
Заев: Избори на 24 април нема да се одржат и второ СДСМ е доволно силен и моќен после овие отворени процеси, пред се Вистината за Македонија да не бидеме неми посматрачи на еднострани одлуки на владејачките партии. Ние немаме намера на телевизија да гледаме еднострано организирање на избори од страна на власта. Не може само владејачките партии да одат на избори. На крај памет не ни паѓа, ниту пак постои можност да се оди еднострано на избори.
Уште еднаш потенцирам, фер, демократски и регуларни избори се императивот на договорот од Пржино. Изборите ние ги баравме, ние инсистиравме, но секако она што е докажано во Македонија и она што е договорено и што претставува условена препорака за РМ е императивот наречен фер, регуларни и демократски избори. Таа е целта кон која мора сите граѓани да се стремат.
Медиуми: Доколку се утврди методологијата за прочистување на листата и законот за медиуми следната недела, сметате дека има време за фер и демократски избори?
Заев: Точно по закон и постоечката методологија е предвидено период од 85 до 90 дена. Во постојниот закон затварањето на избирачкиот список после прочистување треба да биде до 5 март. Од денес до 5 март има 37 дена, ако точно пресметав. Тоа е многу различно од 85 до 90 дена.
Точно се знаат операциите за прочистување на избирачкиот список. Имаме статистичко-историско проверување на избирачкиот список, споредување на 10 бази со избирачкиот список, теренска проверка и бришење на сите недозволиви податоци кои стојат во избирачкиот список.
Тоа се главни операции, а постојат подоперации и ќе ви спомнам неколку. За да има теренска проверка на избирачкиот список, мора да завршат претходните 2 фази. За да се отпочне има законска обврска за медиумска кампања за анимирање на граѓаните дека ќе стартуваат комисиите формирани од ДИК за теренска проверка.
Мора да бидат обучени претставниците од државната администрација, ДИК и претставниците од политичките партии за чување на личните податоци. Еве ви две подоперации. Затоа се точно пресметливи деновите од 85 до 90 дена и затоа се силни нашите аргументации. Само ќе ви споменам дека имаше критични моменти во целиот овој преговарачки процес да се докажува чија аргументација е поточна или посодржајна. Сега овој пат прочистувањето на избирачките списоци се брои во денови и не постои никаков фактор во светот што може да каже дека тоа што е 85 може да биде 37 дена.
Државната изборна комисија е независната институција која што ја избравме заедно сите, во парламент ја гласавме заедно. Не е ниту СДСМ, ниту ВМРО, ниту ДУИ, ниту ДПА. Таа е таа којашто ќе каже кога е неопходното време потребно или кога завршува тоа време за прочистување на избирачкиот список и согласно законот 40 дена јавен увид, 10 дена печатење на избирачкиот список. Законот е јасен, методологијата е јасна.
Медиуми: Како ги коментирате пишувањата во медиумите дека т.н. фабрика за пасоши се наоѓа во домот на Бекири, за кој потврдивте дека е член на СДСМ?
Заев: Нашите ставови се толку јасни и прецизни од самиот почеток до самиот крај. Што значи тоа? Истрагата треба да покаже што е вистината во овој процес. Не бегаме никаде сосема напротив. Впрочем министерот Оливер Спасовски е тој што ја отвори токму таа истрага.
Тоа што Заев се видел со некој човек кој бил осомничен, јас само уште еднаш ќе кажам: Јас седам со најголемиот криминалец во државата Никола Груевски и преговарам, а тој седи со осуден криминалец на кој што му е присутен во емисија.
Криминалот е во мафијата, а мафијата ни ја води државата. И сега ќе ловиме кој е тоа криминалец во државата. Има судски инстанци, тие треба да докажат што е точно во одредена истрага или не. Така да повеќе коментари во делот на ова прашање не би можел нешто да додадам или да одземам.
Медиуми: Како ги коментирате одлуките на Управен суд за Оливер Спасовски и Фросина Ременски?
Заев: Управниот суд донесе времена мерка и ги зармзна решенијата кои што се веќе донесени од двајцата министри. Тоа значи дека нема пресуди за поништување на решенија и за враќање на претходно поставените. Така да не знам што изиграва дополнителниот заменик министер Чавков давајки наредби. Кој е тој да дава наредби во министерството ?
Уше еднаш потенцирам: целта на техничката влада е овие двајца министри и тројцата дополнителни заменици министри е да ја извршат својата улога предвидена во договорот од Пржино и новиот закон за Влада. Ги охрабрувам министрите да си го земат министерството под контрола. Власта не знае поинаку освен со политички конфронтации злоупотребувајки ги сите институции. Но секој се лаже ако мисли дека ние не сме свесни што по Устав и по Закон имаат право Оливер Спасовски и Фросина Ременски.
Тие се министри со целосни права, имаат контрола врз ресорите коишто ги водат, заради тоа што само на тој начин ќе можат да ја извршуват функцијата заради која што таму се поставени, а тоа се да бидат контрола на власта и да не дозволат нови злоупотреби кои што се поврзани со изборите.
Медиуми: Господине Заев, како го коментирате однесувањето на Груевски по неговата оставка со оглед на тоа што постојано најавува странски инвестиции?
Заев: Јас реков ќе му беше многу полесно на Никола Груевски ако одамна си ја дадеше оставката и заминеше од сите политички функции. После тоа што е соопштено во Република Македонија, можам само да дадам некое оправдување и не знам што би можел друго да прави човекот освен лопати, камен-темелници и секако горчливиот факт уште нови 84.000 пред се млади луѓе да ја напуштат Македонија. Повеќе од 600.000 луѓе ја напуштиле Македонија како резултат од неговото работење. Може тој да продолжи да фрла лопати колку сака, да најавува колку сака инвестиции, неговото време е завршено. Повеќе Никола Груевски не одлучува во ова земја. Тоа време заврши.
Медиуми: Господине Заев, Македонија се наоѓа на балканската рута, на патот на бегалците. Според поставеноста на работите во Сирија, војната не завршува, се очекува голем бегалски прилив и во 2016г. Во јавноста се шпекулира дека во однос на нашава политичка криза се гледа низ прсти на актуелната политичка структура во делот на исполнувањето на нивните обврски од пржинскиот договор, за сметка на тоа Македонија од транзитна земја низ која само поминуваат бегалците, да стане земја во која ќе се организираат постојани кампови за бегалците и како тука би останувале подолго време. Се зборува за бројки од неколку десетици илјади бегалци. Како ќе ја искоментирате оваа информација која се погласно се шири во јавноста?
Заев: Ваквите информации за мене се само шпекулации и ништо повеќе заради тоа што секој упатен човек дома и во меѓународната заедница, пред се ЕУ чиј што партнер сме, посебно со справувањето со оваа бегалска криза, добро се упатени и добро знаат дека само стабилна земја Република Македонија може да биде партнер во заедничкото справување со кризата.
Стабилна Република Македонија знаат веќе и малите деца дека може да се случи само со СДСМ и промена на оваа власт која што мора да замине во заборав. Инкриминирана до тој степен власт не може да гарантира никому стабилност дури и на нивните членови од ВМРО-ДПМНЕ, а не на добро упатената меѓународна заедница.
Така да апсолутно сето она што Македонија треба во рамките на своите капацитети, на своите можности во координација со ЕУ да го постигне грижејки се секако за фактот на солидарност на сите овие бегалци коишто се појавуваат овде, коишто транзитираат низ Република Македонија и да бидам уште поконкретен секое семејство во Македонија, да прими по 10 бегалци не е решеније за кризата, а не да отвараат кампови или слично во Република Македонија. Овие луѓе освен ако гледаат Сител телевизија, може да останат во Македонија, овие луѓе транзитираат низ Македонија и нивна конечна цел се Западно Европските крајни дестинации.
Медиуми: Значи, според последните информации за методологијата на ДИК, се предлага теренска проверка на 100.000 домови, дали СДСМ се откажа од целосна теренска проверка или пак тоа е поради тоа што нема време и дали ќе бидете задоволни со еден ваков таргет од 100.000?
Заев: Тоа што претставува методологија предложена од ДИК, нашиот последен став јасно го кажавме, ние сме подготвени да се откажеме од сите наши сугестии, а тоа значи дека партијата добро проценила што со ваква методологија ќе постигнеме, тоа е сосема доволно што ние веќе го знаеме. Секако потенцирам СДСМ има свој претставник во МВР, и тоа министерот за внатрешни работи.
Десетици илјади гласачи, се фантомски гласачи во избирачкиот список. Избирачкиот список мора да се прочисти, повеќе од стотици илјади граѓани се надвор во странство, тие мора да се поделат во вториот дел на избирачкиот список. Нивното право за глас не се брише, но по закон од 2014 изборите, и сега на овие избори, тие се одделени во посебен избирачки список.
Целите коишто мора да се постигнат од прочистувањето на избирачкиот список е да се разделат граѓаните кои што гласаат дома и нашите граѓани кои што се во странство во посебен избирачки список за да го изберат своето право дали ќе гласаат во де-ка-пеата или ќе си гласаат дома. Тоа е едната цел и втората цел е да се избришат сите фантомски гласачи кои што ги има во избирачкиот список, секако со третата операција, теренска проверка на избирачкиот список, ние сме убедени дека ќе ја постигне целта кон која што се стремиме.
Медиуми: Господине Заев споменавте дека на 24-ти април, избори нема да има. На што го темелите ова тврдење дали се тие овие податоци што ги спомнувавте околу роковите или можеби имате други податоци?
Заев: Прво, стоиме на сите наши аргументации, реков барем сега овој пат е лесно во политичка конфронтација со политичкиот противник да се докажат на чија страна тежат аргументите. Зошто? Ако за медиумите е прашњето што е вистински чекор кон независност на медиумите, барем во делот на избирачкиот список тоа е пресметливо во денови. Едноставно треба да се знае математика, и да се избројат сите неопходни денови кои што се потребни за избирачкиот список, тоа се неопходни меѓу 85 и 90 дена. Посилна аргументација, полесно разбирлива од оваа, здравје.
Така да проверката на избирачкиот список, не е само обврска од договорот во Пржино, не е само нешто што е зацртано во Закон, тоа е нешто што е обврска на секој политичар во државата, верувам многу повеќе на претседател на владејачка партија, од претседател на опозициска партија.
Како тоа мисли Груевски да излезе на избори и да каже ќе одиме со 1.800.011 гласачи, кога знаеме сите дека, жители во Македонија се помалку од 1.600.000, кога знаеме дека околу 380.000 се средношколци, со не наполнети 18 години.
Така да, проверката на избирачкиот список е обврска за која што гласале сите партии и реална потреба за идните демократски процеси во Република Македонија.
Неопходноста за проверка на избирачкиот список е помеѓу 85 и 90 дена. До 5-ти март, како што е по закон тоа 50 дена пред денот на изборите, до 5-ти март имаат 37 дена, така да, ако се стигне до 15-ти април, плус 50 дена, 5-ти јуни би можел да биде проектиран датум за избори, ако се стигне до 15-ти мај, 5-ти јули би можел да биде првиот проктиран датум за избори.
Така, да колку и да навлегуваме во аргументите, конечно ако сакаме враќање на демократските институции во нашата држава, тереба да престанат, политичарите да лицитира со датумот за изборите, постои методологија и постои закон. ДИК е таа која што за прв пат има 3 независни експерти, внатре. Е, токму таа која што ќе каже, точен термин до кога ќе го заврши прочистувањето на избирачкиот список, и согласно тоа после можеме да седнеме и да го проектираме датумот за избори или ДИК да го проектира самиот датум за избори.
Секако притоа напоменувам да не испадне заборавено, состојбите во медиумите мора да бидат разрешени, тоа што го предлагаме, предлогот на Меѓународната заедница којшто е ставен на маса, и овде сме спремни нашите забелешки и сугестии да ги повлечеме и конечно да имаме договор за оваа работа. За да можеме секако да се презентираме пред граѓаните, пред престојните избори кога и да се случат, а ќе се случат, но сигурно тоа на 24-ти април нема да биде.
Медиуми: Дали сметате дека пописот ќе биде решение за сите овие проблеми?
Заев: Една работа, пописот не е тема до изборите, но секако пописот е важна операција која што мора да се спроведе. Само задоени националисти успеваат да наметнат врз нашите граѓани ваков амбиент. Македонија е мултиетничка држава, ако сите политички партии, ако сите наши етнички заедници ја гарантираат целовитоста и унитарниот карактер на Република Македонија, нејзиниот територијален интегритет, не треба повеќе да робуваме што тоа ќе покаже пописот.
Пописот ќе покаже, тоа што ќе го покаже и тоа ќе биде нашата реалност. Но, каква и да е реалноста, ние мора да градиме заедничко општество на еднаквост и рамноправност на сите граѓани и затоа верувам дека се плашат ваквите националисти коишто ја водат Македонија сиве овие години наназад, меѓу другото и го кочат овој процес, којшто е неопходен за секоја демократска земја.
Самиот избирачки список ќе отвори барем еден мал срамежлив дел за власта, но силен аргументиран факт за сите граѓани во Македонија, коишто исто така ќе биде едно наше срамно минато, луѓе гласале по 2 пати, по 3 пати, по 4 пати во Македонија, но фантомски гласачи во Избирачкиот список е работа што треба правно формално по закон и по устав да ја утврди ДИК.
Ние очекуваме прочистувањето на избирачкиот список да отвори многу валкан веш на оваа власт, што со години наназат го правела. Тоа е една од причините за тоа што многу тешко ни оди преговарањето со медиумите и со избирачкиот список, е заради тоа што овде власта е слаба, токму на тие две теми. Од една страна ќе излезе валкан веш, а од втора страна само преку масовното перење на мозоци, преку медиумите кои што се под нивна контрола се обидуваат да опстојуваат на валст, независни медиуми, слободни медиуми, фер шанса за рамноправен натпревар на политичките партии на изборите и прочистен избирачки список, на веќе техничка Влада постојна, и сето она што е превземено по новиот изборен законик, ќе видат сите граѓани колку со леснотија ќе заминат во историјата Никола Груевски и Али Ахмети.
Извор: www.sdsm.org.mk