Mеѓународната ликовна манифестација „Зимски Салон“ на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) е отворена вечерва во Национална галерија Чифте амам. Со годинашниот „Зимски салон“ почнува одбележувањето на 70-годишниот јубилеј на ДЛУМ.
„Оваа најстара ликовна асоцијација во нашата земја чиј прв и долгогодишен претседател беше основоположникот на македонската уметност, Никола Мартиноски, е навистина исклучителна појава во македонската култура“, рече министерката за култура Елизабета Канческа Милевска на отворањето на манифестацијата.
Низ своето седумдецениско постоење, посочи министерката, Друштвото на ликовните уметници одигра значајна улога во обединувањето на македонските ликовни автори и нивното профилирање како и во трасирањето на развојните правци на македонската ликовна мисла.
Денеска Друштвото на ликовните уметници е релеватен фактор во македонската култура, професионална асоцијација која обединува повеќе од 400-тини уметници на цртежот, скулптурата, графиката и применетите уметности, етаблирани автори, добитници на домашни и меѓународни признанија кои го градат достоинството на македонската уметност, рече Канческа Милевска.
Потенцира дека 16. по ред биенална меѓународна ликовна манифестација „Зимски салон“, веќе две децении е афирматор на творечкиот потенцијал кој го поседуваат македонските автори и уметници.
„Зимскиот салон“ е нерасклинлив сегмент од активностите на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, и со својата физиономија и иновативниот идеен спектограм тој секогаш го предизвикува вниманието на културната јавност кај нас. Оваа манифестација дава слоевита слика на нагласената тенденција за негување на слободниот ликовен израз на македонските автори кои преферираат традиционални ликовни форми но, и на авторите кои внесуваат современи тенденции во ликовното творештво“, рече Канческа Милевска.
Според неа, изборот на просторот и темата на годишната изложба „Нивоа на нашата свест“ не се случајни, тие овозможуваат преку делата на 47-те автори претставници на помладата и средната генерација македонски уметници, како и на авторите од Чешка, Словенија, Србија и Хрватска, да проникнеме меѓу локалното и глобалното, националното и универзалното, меѓу потребата да се зачува сопствениот идентитет и потребата да се биде дел од големата културна синтеза.
Посочи дека е уверена оти оваа изложба и делата на авторите Јана Манева – Чуповска, Слободан Милошевски, Дороти Пачкова, Шќипе Мехмети, Маријета Сидовски, Стефан Хаџи-Николов, но, и на странските уметници како Маер Ева, Маја Гецич, ИренаГајатри-Хорват и многу други ќе наидат на голем интерес од посетителите кои ќе имаат можност да се запознаат со новите влијанија во современата ликовна уметност.
Министерството за култура, нагласи Канческа Милевска, како досега така и во иднина ќе продолжи со поддршката на активностите и проектите на Друштвото на ликовните уметници на Македонија.
„Ќе потсетам дека во изминатите неколку години, ние покажавме една нова димензија во нашите определби да ја стимулираме работата на ова здружение преку обезбедувањето на просторот за делување на Друштвото на ликовните уметници како и доделувањето на три ателјеа за користење во објектот Покриена чаршија-Безистен,“ рече Канческа Милевска и на сите членови на ДЛУМ им го честиташе седумдеценискиот јубилеј.
На настанот се обратија и амбасадорот на Република Чешка во Република Македонија, Мирослав Рамеш, директорот на Националната Галерија на Македонија, Дита Старова-Ќерими и претседателот на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, Христијан Санев.
Беше соопштен и добитникот на Гран-при признанието, кое традиционално се доделува на „Зимскиот Салон“, а тоа е ликовниот уметник Катерина Таневска, на која министерката Канческа Милевска и посака продуктивен престој во атељето на уметностите во Париз кое го финансира Министерството за култура.