Претседателот Иванов учествува на Минхенската безбедносна конференција

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, од денес во Минхен, Сојузна Република Германија, ќе учествува на 52. Минхенска безбедносна конференција, придружуван од министерот за надворешни работи на Република Македонија, м-р Никола Попоски.

Претседателот Иванов ќе има свое обраќање на панел – дискусијата насловена „Кон натамошна евроатлантска интеграција на Југоисточна Европа”, на која ќе учествуваат и претседателите на Хрватска и Словенија, Колинда Грабар Ќитаровиќ и Борут Пахор и премиерите на Црна Гора и Косово, Мило Ѓукановиќ и Иса Мустафа.

За време на своето четврто учество на Минхенската безбедносна конференција предвидено е македонскиот претседател да оствари повеќе средби со дел од учесниците на собирот.

Во фокусот на годинешната конференција ќе бидат војната во Сирија и состојбите на Блискиот Исток, бегалската и мигрантската криза, безбедносната состојба во Европа и евроатлантските интеграции.

На 52. Минхенска безбедносна конференција е најавено учество на околу 30 шефови на држави и на влади, околу 70 министри за надворешни работи и за одбрана, како и голем број на извршни директори на глобални компании и парламентарни делегации. Меѓу учесниците се германскиот министер за надворешни работи, Франк – Валтер Штајнмаер, како претставник на земјата – домаќин, јорданскиот крал Абдула II, претседателите на Полска и на Украина, Анджеј Дуда и Петро Порошенко, премиерите на Франција и на Русија, Мануел Валс и Дмитри Медведев, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, генералниот секретар на ОБСЕ,  Ламберто Заниер и др.

Минхенската безбедносна конференција, со која претседава амбасадорот Волфганг Ишингер, претставува најугледен и најреномиран форум на глобално ниво, посветен на прашањата од безбедноста, промовирањето на мирното решавање на конфликтите, меѓународната соработка и дијалог во надминувањето на безбедносните предизвици на денешнината и иднината со особен фокус на трансатлантското партнерство. Република Македонија, претставена на највисоко ниво, редовно учествува на конференцијата.