Алармантна состојбата со асфалтираниот пат пред хотелот „Даљан“ и Извидничкиот центар

Алармантна е состојбата со асфалтираниот пат пред платото на хотелот „Даљан“ и Извидничкиот центар во Охрид. Реката Даљан сериозно го поткопува овој потег, ја „јаде“ асфалтираната површина, создава брза ерозија, пукнатини и поткопување на горниот слој од површината, можно е лизгање на патот и сериозни проблеми по безбедноста на возилата и луѓето кои се движат кон хотелот „Даљан“.

Ова е констатацијата на Советот за безбедност на сообраќајот на патиштата од Охрид чии претставници предводени од претседателот на Советот м-р Стефан Димоски, вчера беа во посета на овој потег пред хотелот.

Потребна е итна средба и координација со градоначалникот и на надлежните служби во локалната самоуправа, јавните претпријатија, полицијата и на другите институции со цел брзо и ефикасно стопирање на процесот на лизгање и под налетот на водената маса и бранови, физичкото разорување на патот пред хотелот и Извидничкиот центар.

Ваква иницијатива веќе во понеделник ќе поднесе Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот, а со цел навремена санација на натамошното дробење на патот и странично поместување на коритото на реката Даљан и Извидничкиот центар.

Инаку, вчерашната посета на претставниците на советот на потегот кај хотелот и Извидничкиот центар доаѓа по писменото известување за состојбата на патот пред хотелот, што пред два-три дена до Советот го испрати управителот на хотелот „Даљан“ Славица Стефаноска и нејзиниот телефонски разговор со претседателот на Советот м-р Стефан Димоски. Притоа, Стефаноска побара што е можно побрзо решавање на овој случај бидејќи за еден месец хотелот„Даљан“ ја очекува првата група туристи-хендикепирани лица кои со автобус треба да пристигнат пред платото на хотелот. Во моментов платото е крајно небезбедно.