Иванов: Македонија не може да биде надворешна граница на ЕУ

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, на покана на претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, учествуваше на работен состанок посветен на мигрантската криза, со кој копретседаваше претседателот на Европската Комисија, Жан-Клод Јункер.

На состанокот, покрај претседателот Иванов, присуствуваа и претседателот на Република Србија, Томислав Николиќ, претседателот на Владата на Република Хрватска, Тихомир Орешковиќ и претседателот на Владата на Република Словенија, Миро Церар, како и Федерика Могерини, Висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Јоханес Хан, Комесар за европска соседска политика и преговори за проширување на ЕУ и Берт Коендерс, министер за надворешни работи на Кралството Холандија.

Токму предлогот на Република Македонија од Самитот за бегалците на ЕУ во октомври 2015 година, сега е работна верзија на европските лидери за справување со овој проблем, што е на маса и на денешниот Самит на Европскиот совет во европската престолнина. Според македонскиот претседател, Македонија е поканувана на вакви самити и собири „затоа што има конзистентен став”.

„Тоа што досега сме го изнесувале, тоа и го спроведуваме, со тоа што сите наши превземени мерки и активности се во единствениот европски план за справување со бегалската криза. Сите наши позиции што беа изнесени на Вишеградската група ги повторив синоќа на оваа средба на која беа претседателите на Европскиот совет, на Европската комисија, претседавачот со Унијата и земјите што сме долж коридорот“, посочи претседателот Иванов во изјавата за медиуми по завршување на состанокот.

Според претседателот Иванов, македонскиот став е јасен дека Македонија не може да биде надворешна граница на Европската унија.

„Не можеме ние да ги замениме сите оние мерки и активности што треба самата Унија да ги прави на својата надворешна граница. Но, во земјата спроведуваме се што е во состав на севкупното европско решение. Причината е што ова не е само предизвик за ЕУ, туку и за Европа како континент, а ние како Македонија, кои сме на европскиот континент, придонесуваме за справување со овој предизвик. Препознаена е таа наша конзистентност во ставовите, како и нашата конструктивност, па затоа со внимание беа слушани сите предлози што ги дававме“, рече претседателот Иванов.

Претседателот Иванов посочи дека неговите предлози имале можност да ги видат на дело и претставници на претседавачот со ЕУ, бидејќи министерот за надворешни работи на Холандија, Берт Кундерс бил на лице место и ја видел состојбата на граничниот премин на македонско-грчката граница, т.н. кота 59, што е илегален премин и оттаму и доаѓа илегалната миграција.

Македонскиот претседател е дециден дека планот на Македонија е сите мерки и активности што се превземаат да доведат до тоа „во еден момент илегалната миграција да стане легална миграција и да дојде на легалните премини каде ќе ги помине сите контроли и мерки”.

BRISEL_SOSTANOK_2

„Тоа е пред се за безбедносните ризици со кои се соочува Европа во последно време, а со кои ќе се соочува и во иднина токму од предизвиците на безбедносниот карактер на кризата, бидејќи имаме многу бегалци што не ги поминале безбедносните проверки и сите оние работи што мора да ги прави секој оној што преминува на легален премин во државата“, рече претседателот Иванов.

Она што е дефинитивно разјаснето на синоќешниот мини-Самит на земјите долж западно-балканската миграциска рута е забуната дека Македонија има намера да затвори легален граничен премин кон Грција, што според претседателот Иванов нема никогаш да се случи. Имено, се работи за нелегалниот премин на граничната кота 59.

„Постои неинформираност за реалната состојба, па затоа и министерот за надворешни работи на Холандија, Кундерс го подвлече синоќа тоа на состанокот. Станува збор за нелегален премин каде доаѓа илегалната миграција. Македонија никогаш не ни размислувала, ниту имала план да ги затвора своите легални премини. Затоа, настојуваме и баравме уште во октомври на тој илегален премин да се има целата опрема и се што е потребно за евидентирање и регулирање на протокот на мигранти. Токму затоа баравме и опрема за биометриски податоци, пристап до Фронтекс-базите и пристап до базите со податоци на Шенген. За да можат податоците да ги користат сите членки на Унијата“, појасни претседателот Иванов.

Македонскиот претседател во изјавата за медиумите ги појасни и шпекулациите дека Македонија е под притисок да прими поголем број на бегалци, околу 10-20 илјади лица, на подолг престој во Македонија, односно да стане паркинг-место за бегалци на Балканот.

Очигледно станува збор за неинформираност. Во октомври минатата година, Македонија го затвори тоа прашање кога секоја земја требаше да ги пријави сопствените капацитети за да згрижи бегалци. Ние кажавме дека Македонија има капацитет за само 2.000 лица што транзитно ќе може да поминат низ државата. Значи, додека транзитираат, околу 2.000 лица можеме во кус временски период да ги згрижиме. Другите земји што пријавија свои капацитети, сега се очекува од нив тоа и да го исполнат. Ние опстојуваме на нашиот став што сме го завземале во октомври и на тоа остануваме“, порача претседателот Иванов.

Претседателот Ѓорге Иванов ја пренесе и пораката што е дискутирана и на највисоко ниво во Брисел, а тоа е дали и како актуелната политичка криза влијаела на капацитетот на Македонија во справувањето со мигрантската криза и желбата таа час поскоро да заврши со цел земјата да може со целосен капацитет да му се посвети на овој проблем што го мачи европскиот континент.

„Политичките лидери во Македонија превземаа одговорност за справување со политичката криза, ги ставија своите потписи на документот што мора тие да го реализираат. Секое одлагање влијае и на нашето справување со предизвиците што не очекуваат. Нам ни е неопходно да се почитува договорот и датумите во тој договор за да можеме да имаме Влада со чист политички мандат што мора да се справува со овие пред се безбедносни ризици. Неопходни ни се институциите да функционираат, бидејќи во меѓувреме доаѓа и менување на законите. Нашиот пример што ние го направивме врз основа на нашиот кризен менаџмент со што ја однесовме армијата на границата сега го применуваат и другите земји во Европската унија. Но, за тоа се неопходни законски измени. Ние мора да имаме конституиран парламент што ќе ги врши измените во законската регулатива за да е прилагодуваме на предизвиците што не очекуваат“, истакна претседателот Иванов.

Meeting on Western Balkans migration route
Meeting on Western Balkans migration route