Операта за деца „Клинг-Кланг“ за прв пат и на албански јазик

Во Министерството за култура денеска се одржа прес-конференција на која државниот секретар Бехиџудин Шехапи и директорот на Македонската опера и балет Игор Дурловски го промовираа проектот за деца насловен „Клинг-Кланг“, кој в понеделник за прв пат ќе се изведе на албански јазик на сцената на Македонската опера и балет. Станува збор за музичка авантура за деца која, како серијал за запознавање на најмладата популација со музиката, на сцената ја постави гостинката од Австрија, Урсула Хорнер.

Тоа што е особено важно за оваа претстава е активното учество на децата во неа. Најмладите ќе имаат можност директно да се запознаат со музичките инструменти кои низ приказна ќе им ја доловат музиката како феномен. Дечињата ќе имаат можност да пеат, да ракоплескаат и да им поставуваат прашања на сите учесници на сцената“ – изјави државниот секретар Шехапи.

Директорот Дурловски, пак, најави дека во иднина ќе следуваат слични соработки кои ќе бидат на задоволство на сите.

На средбата присуствуваше и уметничкиот директор на Македонската опера и балет, Сони Петровски, кој најави уште еден проект од овој тип. Имено, станува збор за адаптираната опера за деца насловена „Мала волшебна флејта“.

На прес-конференцијата присуствуваа и младата актерка Едона Пајазити, која учествува во проектот, како и директорката на детската градинка од Чаир, Рабије Локу, која најави дека претставата ќе ја проследат двесте дечиња и воедно посочи дека ваквите проекти се дел од годишната програма на градинките и претставуваат одлична можност за музичка едукација на децата од најрана возраст.