Работилница за обука за надзор над болести поврзани со водата

Институтот за јавно здравје на РМ во соработка со Светската здравствена организација и Министерството за здравство организира дводневна работилница чија цел е поддршка на напорите на земјата да го зајакнат надзорот над болестите поврзани со водата и да го подобрат знаењето и вештините на националните професионалци за ефективни пристапи за надзор и детекција, епидемиолошки истражувања и контрола на епидемии по потекло од водата. Работилницата ќе ја отвори директорот на ИЈЗРМ, Асс. д-р Шабан Мемети, на 9 март во Хотел Континентал во 9 часот.

Покрај странските експерти од Европа на дводневната работилница ќе учествуваат Снежана Чичевалиева, Шеф на СЗО Канцеларија во Република Македонија, и експерти од Институтот за јавно здравје, проф д-р Михаил Кочубовски, раководител на Сектор за здравствена екологија и прим. д-р епидемиолог Жарко Караџовски. На работилницата ќе учествуваат 55 учесници од Центрите за јавно здравје, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Агенцијата за храна и ветеринарство.

Специфичните цели на работилницата вклучуваат:

  • Преглед на состојбата со болестите поврзани со водата и системот за надзор над епидемии во Република Македонија;
  • Воведување цели, клучни функции и барања за системите за надзор и главните пристапи за надзор над болестите поврзани со водата;
  • Воведување клучни принципи и елементи за ефективно менаџирање на епидемии и методи и алатки за епидемиолошки истражувања на епидемиите по потекло од водата, вклучително практични вежби базирани на конкретни студии на случај; и
  • Дискусија за клучните предизвици и акции кон подобрување на надзорот над болестите поврзани со водатаи системите за одговор на епидемиите по потекло од водата во земјата.

Воспоставувањето и одржувањето на сеопфатен национален и локален надзор и системи за рано предупредување за болести поврзани со водата, плановите за итни состојби и капацитетите за одговор се клучни одредби од Протоколот за вода и здравје на Конвенцијата за заштита и користење на прекуграничните водни текови и меѓународни езера. Страните на Протоколот и другите држави ја идентификуваа превенцијата и намалувањето на болестите поврзани со водата како приоритетна област во програмата за работа за 2014-2016 година во рамките на Протоколот.

Зајакнувањето на националните капацитети за надзор над болестите поврзани со водата и одговорот на епидемии е главниот стожер на програмската област на која Норвешка и Белорусија се водечки страни. Република Македонија, во процесот на подготовка за пристап кон Протоколот, изрази интерес за зајакнување на капацитетите и побара поддршка од Светска здравствена организација Регионалната канцеларија за Европа и од водечките страни. Како одговор на ова барање, посветена активност беше вклучена во Двeгодишниот договор за соработка 2016-2017 година помеѓу Светска здравствена организација Регионалната канцеларија за Европа и Министерството за здравство на Република Македонија.

Очекувани цели се добивање на систематско знаење за надзор над болестите поврзани со водата и истражување на епидемии од страна на националните и локални професионалци и идентификација на потребните акции за да се подобри системот за надзор над болестите поврзани со водата со цел да се усогласи со клучните одредби од Протоколот.