Советничката група на СДСМ Дебрца при Советот на општина Дебрца, испрати соопштение до медиумите во кое стои:
„На вчерашната 38-ма седница на Советот на општина Дебрца се случи скандалозно постапување на советниците од ВМРО ДПМНЕ, односно скандалозно непознавање и непочитување на одредбите од Законот за локалната самоуправа, Статутот на општина Дебрца и Деловникот на советот на општина Дебрца кои се однесуваат на потребниот број на присутни советници за да може советот да работи и полноважно да одлучува.
Имено, на самата седница, на која присуствуваа 9 од 11-те советници, на предлог на градоначалникот на општината дневниот ред беше дополнет со уште една точка –одлука за долгорочно домашно задолжување на општината Дебрца во рамки на Проектот за подобрување на општинските услуги, со која се предвидува ново задолжување на општината, со 50.000 евра, за набавка на возило за собирање на комунален отпад.
Во расправата по точката, советничката група на СДСМ најостро забележи што спротивно на Деловникот на советот една ваква одлука се става на дневен ред на самата седница, побара пред да се донесе одлука која има финансиски импликации да се спроведе поширока јавна расправа и дека го поддржува проектот за набавка на возило за собирање на комунален отпад, но истиот да се финансира со средства од буџетот на општината, а не преку ново кредитно задолжување на општината.
По завршувањето на расправата советничката група на СДСМ, составена од 4 советници ја напушти седницата, со што советот на општината остана без потребниот кворум за работа, односно со присутни 5 советници.
Во овој случај, Претседателот на советот наместо да ја прекине седницата, согласно член 51 став 3 од Деловникот на советот, тој продолжува со седницата и се донесува одлуката без мнозинство за работа на советот на општината.
Ваквото постапување претставува непочитување на законските и другите прописи со кои е уредена работата на советот на општината и уривање на правниот поредок.
Во конкретниов случај, направено е флагрантно кршење на одредбите од член 41 став 1 од законот за локалната самоуправа, член 23 став 1 од статутот на општина Дебрца и член 51 став 2 од Деловникот на советот на општина Дебрца, според кои советот може да работи ако на седницата присуствуваат мнозинство од вкупниот број членови на советот. Надвор од секаква памет е да се објаснува дека мнозинство од 11 советници се шест советници, ама овојпат тоа мора да го направиме.
Со цел да се спречат далекусежните негативни последици и пред се финансиски импликации за општината од ваквата незаконска, односно ништовна одлука, го повикуваме претседателот на советот на општината да не ја потпишува одлуката.
Доколку тоа не се случи, го повикуваме градоначалникот на општината да постапи согласно својата должност од член 71 од законот за локална самоуправа, да донесе решение за запирање на примената на незаконската одлука и до Уставниот суд на Република Македонија да поднесе иницијатива за оценување на законитоста на запрената одлука.
Во спротивно, ако повиканите органи не постапат по нивните законски должности, советничката група на СДСМ ќе се обрати до Државниот инспекторат за локална самоуправа, како надлежен орган за надзор над законитоста на прописите на општината, со барање за поништување на незаконската одлука и ќе поднесе иницијатива за оценување на законитоста до Уставниот суд на Република Македонија. Воедно, ќе го известиме и кредиторот дека задолжувањето општината го бара врз основа на незаконска и ништовна одлука на советот на општината .“ – се вели во соопштението од Советничката група на СДСМ Дебрца.