Матурското патување на учениците од завршната-четврта година од Општинското средно училиште „Св.Климент Охридски“, годинава ќе се реализира во Италија од 8 до 13 мај. Патувањето ќе биде под организациско водство на туристичката агенција „Вис-пој“ од Охрид по цена од 15.900 денари. Ова е предлог одлуката на Комисијата за спроведување на постапката за матурското патување при ОСУ „Св.Климент Охридски“ што е донесена на денешниот завршен состанок.
Комисијата, на седницата одржана на 9-ти март годинава, ги разгледа пристигнатите три понуди по претходно распишаниот јавен оглас. Притоа отфрли една понуда од туристичка агенција од Струга како несоодветна и со некомплетна документација согласно предвидените услови, додека една понуда од туристичка агенција од Охрид воопшто не беше отворена поради незапазување на дадениот рок за достава на тендерската документација.
Според програмата за матурско патување, учениците од завршната-четврта година ќе ги посетат Венеција, Фиренца, Пиза, Милано и Верона со дополнителна туристичка посета и на Лугано-Швајцарија и Сплит-Хрватска. Во цената на аранжманот е вклучено сместување во хотел со три sвезди, бродска прошетка низ Венеција, влезници за посета на значајни културно-историски споменици со водство на локални професионални водичи и две матурски забави.
Превозот ќе биде со автопревозникот „ Галеб“ од Охрид а плаќањето ќе е на три рати.