Заев: Заедно во одбрана на Уставот, СДСМ се приклучува на граѓанскиот протест

Обраќање на Претседателот на СДСМ, Зоран Заев

„Почитувани граѓани,

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија се приклучува на масовниот протест пред Уставниот суд, најавен од страна на граѓанските организации.

Срамните одлуки на партиските инсталации во Уставниот суд се обид да се амнестира изборен криминал и изборна измама.

Хаосот во избирачкиот список го потврди она што го покажа и Вистината за Македонија. Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ не само што ги краделе парите на граѓаните туку го краделе и нивното основно право на слободен глас, на слободен избор.

Намерата да се амнестира овој огромен изборен криминал ги загрозува темелите на правниот и уставниот поредок врз коишто почива државноста на Република Македонија.

Основен принцип на демократијата е владеењето на правото.

Законот мора да важи за секого подеднакво. Секој што го прекршил мора да одговара.

Почитувани граѓани,

Македонија не смее да молчи.

Да не дозволиме да се урнат темелите на правото и правната држава.

Да не дозволиме простор за амнестија на криминалците.

Повикувам на одбрана на Уставот!

Повикувам на одбрана на правдата!

Повикувам на одбрана на вистината!

Ве повикувам вас, граѓаните, професорите, лекарите, работниците, новинарите, возачите, градежниците, наставниците, земјоделците, студентите, пензионерите…

Ве повикувам сите,

Заедно да застанеме во одбрана на Уставот и уставниот поредок во Република Македонија.

Утре, вторник, 15-ти март, граѓанската индивидуална и колективна свест нека го води маршот од пред Влада, преку Собрание до Уставниот суд.

Сите, под знамето на Македонија, заедно, за демократска Македонија!“- истакна Заев.