Телефонски разговори за актуелната мигрантска криза и инцидентот што се случи на 14 март 2016 година

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, согласно заклучокот од последната седница на Советот за безбедност, во текот на вчерашниот и денешниот ден оствари телефонски разговори со повеќе претседатели и премиери од земјите-членки на Европската унија и земјите долж балканскиот коридор, со претседателот на Европскиот совет и со претседавачот на Европскиот совет, за актуелната мигрантска криза и инцидентот што се случи на 14 март 2016 година на јужната гранична линија.

Во телефонските разговори со претседателот на Европскиот совет, г. Доналд Туск, со претседателите на Република Србија и на Република Хрватска, г. Томислав Николиќ и г-ѓа Колинда Грабар-Китаровиќ, премиерите на Република Словенија, на Чешката Република, на Република Австрија, на Република Полска, на Унгарија и на Република Бугарија, г. Миро Церар, г. Бохуслав Соботка, г. Вернер Фајман, г-ѓа Беата Шидло, г. Виктор Орбан и г. Бојко Борисов, како и министерот за надворешни работи на Кралството Холандија, г. Берт Коендерс, во својство на претседавач со Советот на ЕУ, претседателот Иванов ги запозна соговорниците со случувањата на јужната граница и деталите за инцидентот од 14 март 2016 година, обидот за влез на неконтролиран број мигранти и странски државјани на територијата на Република Македонија и ја истакна загриженоста од можноста за повторување на слични инциденти.

Претседателот Иванов информираше за навремената, успешна и одговорна реакција на македонските безбедносни сили, без употреба на сила.

Македонскиот претседател побара итен прекин на практиката на носење дополнителен број мигранти кои би поставувале кампови на самата гранична линија на Република Македонија. Претседателот Иванов рече дека балканскиот коридорот за илегални премини е затворен.

Република Македонија, порача претседателот Иванов во телефонските разговори, ќе ги преземе сите мерки и активности за заштита на државните граници и за зачувување на националната безбедноста, а македонските безбедносни институции и во иднина, како и досега, ќе продолжат одговорно и професионално да се справуваат со бегалската криза, притоа имајќи ја в предвид обврската за хуман третман на бегалците.

Дополнително, претседателот Иванов искажа голема благодарност до земјите што имаат свои полициски сили на јужната гранична линија, особено до оние кои учествуваа во надминувањето на инцидентот.

Претседателот Иванов информираше дека земјата и во иднина ќе постапува во согласност со одлуките на Европскиот совет, ќе ги следи постапките на другите земји долж балканскиот коридор и нема да дозволи илегален влез на мигранти во Република Македонија.

Сите соговорници го осудија инцидетот од 14 март 2016 година и истакнаа дека вакви инциденти не смеат да се повторат. Истовремено, соговорниците изразија почит и поддршка за начинот на кој Република Македонија се справува со мигрантската криза.

Во телефонските разговори претседателот Иванов побара политичка поддршка од Европската унија, логистичка помош од Европската комисија за институциите на системот за управување со криза за да се намалат безбедносните ризици и да се заштити границата, одговор и реализација на нашите барања за добивање на опрема за заштита на границата и опрема за регистрација на мигранти и побара пристап до збирките на податоци на телата на Унијата за размена на податоци за мигрантите со земјите кои не се членки на ЕУ на транзитниот коридор.

Соговорниците се согласија дека ваквата пракса на комуникација и координација во пресрет на состаноците на Европскиот совет, но и по потреба, мора да продолжи и во иднина, затоа што Република Македонија е рамноправен партнер што настојува да се изнајде единствен европски одговор на мигрантската криза.

Во текот на оваа и следната недела претседателот Иванов ќе оствари телефонски разговори и со други лидери од Европската унија, земjите од балканскиот коридор и останатите засегнати држави.