СДСМ: Во кој дел од Изборната програма на градоначалникот на Дебрца стои дека планира да ја задолжува општината

Советничката група на СДСМ при Советот на општина Дебрца испрати соопштение до медиумите во кое стои:

„На денешното продолжение на 38-та седница Советот на општина Дебрца, на предлог на градоначалникот на општината, со гласовите на советниците на ВМРО-ДПМНЕ и независниот советник донесе одлука за долгорочно домашно задолжување на општината Дебрца во рамки на Проектот за подобрување на општинските услуги, со која се предвидува ново задолжување на општината, со 50.000 евра, за набавка на возило за собирање на комунален отпад.

Како советничка група во советот на општина Дебрца, иако секогаш безрезервно сме подржувале проекти кои ќе придонесат за подобрување на руралната инфраструктура и квалитетот на комуналните и другите општински услуги, во овој случај не можевме да дадеме поддршка на одлуката за долгорочно задолжување на општината, бидејќи истата се носи во крајно нетранспарентна постапка, без притоа да се почитуваат процедурите за користење на средства од проектот за подобрување на општинските услуги, а се работи за одлука која ќе има долгорочни финансиски импликации за општината. Имено, пред да се стави одлуката за задолжување пред советниците потребно е да се исполнат одредени претходни услови. Првенствено општината подготвува Документ за оценка на проектот врз основа на техничката документација, со образложение на економските, финансиските, техничките критериуми и социјалните механизми и спроведува јавна расправа за реализација на проектот. Советот на општината по спроведена јавна расправа донесува одлука за задолжување за реализација на проектот. Таков документ не е презентиран пред советот на општината, ниту е спроведена јавна расправа по истиот.

Ова дотолку повеќе, ако се има во предвид дека за шест месеци ова е второ кредитно задолжување на општината, откако претходно советниците одобрија кредитно задолжување за изградба на рурална инфраструктура, со што и на локално ниво се спроведува политиката на „немаме за леб, а трошиме за чоколадо“, односно задолжувања, која ВМРО-ДМПНЕ со години наназад ја практицира на централно ниво.

Како советничка група принципиелно побаравме одговор на повеќе неодгворени прашања, како што се: Во кој дел од Изборната програма на градоначалникот стои дека планира да ја задолжува општината? Зошто планира да ја оптовари општината со долгови кои ќе паднат на товар на идните локални власти? Дали градоначалникот заборави дека општината од претходната локална власт му беше предадена со полна каса и без ниту денар долг? Дали општината има финансиски капацитети да ги враќа кредитите, ако се знае дека е со лимитирани финансиски перформанси и има проблеми со сервисирањето на тековните обврски? Уште со колкав износ се планира да се задолжи општината до крајот на мандатот на градоначалникот?

Од одговорот на овие и други прашања зависи и тоа дали за реализација на проектот оправдано е општината да се задолжи или за вакви проекти потребно е да се преферираат други извори на финансирање, пред се грантови од домашни или меѓународни фондови или истиот да се финансира со средства од буџетот на општината.

За да се обезбедат средства од буџетот на општината доволно е да се намалат непродуктивните буџетски трошења, како што се: трошоците за репрезентација, службени патувања, за весници и списанија, службени телефони и гориво, трошоците за изгубени судски постапки и други неоправдани трошења.“ – се вели во соопштението од советничката група на СДСМ Дебрца.