На пленарната седница на Собранието на Република Македонија одржана вчера по предлог на пратениците Александар Николоски и Сашо Василевски беа усвоени измените на законот за угостителската дејност со кој се решава деценискиот проблем на станоиздавачите во Охрид и останатите туристички места.
Имено, во 2008 година направена е измена на законот во која се предвидува дека на физичките лица во еден објект што се под заеднички покрив, може да се издаде само едно одобрение за вршење на оваа дејност. Со примената на оваа одредба се наиде на реален проблем кај голем дел од граѓаните, односно по принципот прв дојден, прв услужен, при што се издаваа одобренија на лица кои први поднеле барање за одреден објект. Во сопственичката структура на голем дел од објектите се појавуваат различни лица како сопственици, при што во ваква ситуација следниот поднесител на барање под заеднички покрив, се соочувал со тоа да биде одбиен од Комисијата за категоризација на соодветната општина со образложение дека веќе е издадено едно одобрение за тој објект. На тој начин се отежнуваше работата на приватните станоиздавачи.
Имајќи го предвид овој реален проблем на граѓаните, со овој Предлог закон се предвидува измена на одредбата во членот 46 со која ќе се надмине горе наведениот проблем кај голем број на граѓани при што во објекти под заеднички кров ќе можат да се издаваат одобренија за вршење на угостителска дејност на повеќе физички лица.
Со овие имени поднесени од пратенциите Николоски и Василевски се обезбедува егзистенција на голем број семејства од Охрид и останатите туристички места.
Овие измени на законот за угостителската дејност се како резултат на постојаната комуникација на пратениците Николоски и Василевски со граѓаните и јавната дебата која ја организираше и се одржа во општина Охрид. Пратениците изразуваат благодарност на здруженијата на станоиздавачи и општина Охрид за соработака во изготвувањето на законското решение.