Изложба на Решат Амети по повод 25 години ликовно творештво

Државниот секретар во Министерството за култура Бехиџудин Шехаби денеска во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, заедно со директорката Дита Старова-Ќерими, одржа прес-конференција по повод 25-годишниот јубилеј од ликовното творештво на познатиот сликар Решат Амети.

На прес-конференцијата присуствуваа и сликарот Амети и кустосот Маја Крстевска.

„Амети има повеќе од 200 самостојни изложби во Република Македонија, а своите дела ги изложувал и во дел од најголемите светски метрополи, како: Њујорк, Бостон, Хамбург, Анкара, Цирих, Брисел, Софија, Париз, Виена, Тирана, Нирнберг, Мајнхајм, Дижон, Шарлоа, Кронингем и Приштина“, истакна, меѓу другото, државниот секретар Шехаби и додаде дека Амети важи за еден од најпознатите и најреномирани албански сликари во нашата држава.

Во Македонската академија на науките и уметностите утревечер во 17 часот ќе биде отворена изложбата на Амети по повод 25 години ликовно творештво. Оваа јубилејна изложба ќе биде свечено отворена од страна на академик Ефтим Клетников, а поздравен збор ќе има и претседателот на МАНУ, г. Таки Фити.

Вљубениците во ликовната уметност и почитувачите на делото на Решат Амети ќе можат да ја видат изложбата на неговите најпознати дела кои, како што наведе државниот секретар Бехиџудин Шехаби, претставуваат огледало на душата од каде што извира мистичноста и магијата на светлината.

Државниот секретар Шехаби на прес–конференцијата соопшти и дел од претстојните активности на Министерството за култура.

„Во рамките на протоколот за соработка меѓу Република Македонија и Република Албанија потпишан минатата година, ја продолжуваме соработката меѓу Националните галерии на двете земји со организирање и реализација на заеднички изложби од истакнати ликовни уметници од Македонија и Албанија“, заклучи државниот секретар Шехаби.

На прес–конференцијата беа сублимирани и впечатоците од неодамнешниот престој на македонската делегација од Министерството за култура предводена од државниот секретар Бехиџудин Шехаби во Едрене, Република Турција, каде што во рамките на Меѓународниот филмски фестивал, се одржа манифестацијата „Денови на македонската култура“.Меѓу другото, државниот секретар истакна дека во Едрене успешно беа промовирани традиционалните и културните вредности и на Албанците и на Македонците, а присутните, благодарение на Агенцијата за филм на Република Македонија, имаа ексклузивна можност да проследат вкупно 24 играни и документарни филмови.