Делегација од Министерството за култура на Република Македонија, предводена од заменик–министерот за култура Драган Недељковиќ, деновиве престојува во посета на Израел, каде што во манастирот „Свето Благовестие“ во библискиот град Назарет е поставен мозаикот на Пресвета Богородица Пелагонитиса.
„Честа е уште поголема што од денеска ѕидот што го опкружува манастирот, на кој се претставени мозаици на голем број христијански народи, ќе биде збогатен со уште еден мозаик на Пресвета Богородица Пелагонитиса, своевидно свето обележје на нашата црковно-народна и духовна култура кој во историјата се препознава како дело од нашите простори “– потенцираше во своето обраќање заменик-министерот за култура Недељковиќ.
Во рамките на посетата, претставниците на Министерството за култура, предводени од заменик-министерот Недељковиќ, положија цветен венец во меморијалниот комплекс Јад Васал во Ерусалим, а е планирано да остварат и работна средба со генералниот директор на Министерството за култура на Израел.
Република Македонија негува одлични дипломатски односи со Државата Израел кои придонесуваат за меѓусебен развој и заложби на двете земји за афирмација и унапредување на културата и богатото културно наследство. Исто така, во рамките на посетата, во Националниот театар во Израел ќе биде прикажан филмот „Камери“, снимен во Македонија од страна на израелскиот филмски тим за време на посетата на нашата земја.
Посетата е по иницијатива на Здружението на туристички водичи на Република Македонија и е финансиски поддржана од Министерството за култура на Република Македонија.