Отворен Филмски фестивал во Охрид

Заменик градоначалникот на Охрид, Анѓел Јанев синоќа присуствуваше на отворање на првиот филмски фестивал „Филмоција “ што до 10 април се одржува во просториите на „Институтот за филм- Филмска Академија Охрид“.

Во своето обраќање пред студентите кои се организатори на фестивалот и останатите присутни, Јанев истакна :

„По неполна година од отворањето на „Институтот за филм- Филмска академија Охрид“ , оваа јавна научна установа направила одлична проценка дека покрај редовните наставни активности, на младите им е потребно дружење и размена на искуства во областа на седмата уметност. Организирањето на првиот филмски фестивал, е вистински предизвик за студентите, професорите и менторите и публиката, но и за нас во Локалната самоуправа, бидејќи целосно бевме ангажирани и посветени на отворањето на оваа научна установа.Кога човек ќе застане пред Вас, има чувство дека сте преполни со творечка свежина, мотивираност и дека едвај чекате да ги добиете првите оценки за филмските остварувања. Во филмовите, секој на свој начин ја вградил својата креативност и потребната умешност, па затоа на крајниот заеднички производ му се радувате заедно.Охридската филмска академија е прилагодена согласно стандардите, принципите и долгата традиција на ФАМУ, престижната филмска и телевизиска школа од Прага. Славните мајстори на светската кинематографија од прашката школа како што се Милош Форман, Јиржи Менцел, Милан Кундера, Вацлав Хавел, Емир Кустурица и многу други, на оваа филмска академија и даваат посебност, а за сите Вас дополнителен поттик да одите по тешкиот пат кон совршенството во седмата уметност.Покрај филмовите, презентациите и дебатите, се надевам дека организаторот Ви оставил доволно време за дружење и забава во прекрасниот Охрид. Земете дел од убавините на градот на светлината и понесете убави впечатоци кои ќе Ви бидат инспирација за нови дела за следниот филмски фестивал“ – рече Јанев.

На дводневниот филмски фестивал со свои филмови ќе учествуваат студентите од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, Есра и Факултетот за драмски уметности од Скопје , Тетовскиот Универзитет и „Хасан Приштина“ од Косово.

Влезот за посетителите за сите фестивалски ноќи е слободен.

Filmski_festival_080420164851 (1)