Претседателот Иванов се сретна со началникот на Генералштабот на Словачката Република

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска го прими началникот на Генералштабот на ВС на Словачката Република, генерал Милан Максим, кој е во официјална посета на Република Македонија.

На средбата со претседателот Иванов беа разменети мислења и информации околу можностите за продлабочување на билатералната соработка во сферата на одбраната, како и за најновите состојби со мигрантската криза.

Претседателот Иванов изрази задоволство од севкупната соработка и поддршка од Словачката Република во справување со предизвиците од мигрантската криза и се заблагодари за присуството на словачките полициски сили на јужната граница на Република Македонија.

Началниот на ГШ, генерал Милан Максим, изрази задоволство од посетата на Република Македонија, и очекување дека во иднина билатералната армиска соработка меѓу двете земји ќе биде продлабочена и интензивирана.

Воедно, генерал Максим, истакна дека во текот на словачкото претседавање со Европскиот совет, Словачката Република ќе вложи напори Република Македонија да биде максимално вклучена во сите иницијативи во рамките на европската одбранбена политика.