Светска банка (СБ) денеска во соопштение наведува дека ги продолжува своите активности во Македонија и дека заедно со земјата работи на креирање подобар животен стандард на сите граѓани.
„Од 1994 година Светска банка е силен партнер на Македонија, кој заедно со земјата работи кон креирање на подобри животни стандарди за сите македонски граѓани и ги поддржува аспирациите на земјата за пристап кон Европската унија. Во текот на овој период, Светската банка обезбеди техничка помош и финансираше 63 проекти во Македонија во вредост од над 2 милијарди долари. Светска банка ги продолжува своите активности во Македонија во текот на политичкиот циклус, работејќи заедно со сегашната техничка влада во рамките на нејзиниот мандат“ се вели во соопштението од СБ.
Сегашното портфолио, се додава во него, се состои од осум инвестициски проекти, кои се во процес на имплементација, во износ од 378 милиони долари.
„Сите проекти финансирани од Светска банка, вклучително и првиот Проект за подобрување на општинските услуги, Проектот за развој на вештините и поддршка на иновациите, Проектот за условени парични трансфери, Проектот за надградба на патиштата, Проектот за рехабилитација на патиштата, како и енергетскиот проект (ECSEE APL3) се во тековна имплемтација, исплатата е на задоволитено ниво и се на пат да ги постигнат планираните резултати. Дополнително, во јануари 2016 година, Светска банка одобри проект во износ од 28 милиони долари за поддршка на вториот Проект за подобрување на општинските услуги (МСИП2). МСИП2 ќе обезбеди поединечни заеми на општините за инфраструктурни инвестиции, како што се снабдување со вода, канализација, управување со цврст отпад, локални патишта, подобрувања во енергетската ефикасност на општинските згради и друга општинска инфраструктура со висок приоритет која влијае врз добросостојбата на жителите и ефикасноста на услугите. Овие заеми се поврзани со буџетската транспарентност и одговорноста на локалните власти кон нивните граѓани“, посочува Светска банка во своето соопштение.
Оттаму истакнуваат дека со проектот ќе се воведе грант компонента за подобрување на испорака на услугите и инфраструктурата за сиромашните и маргинализирани заедници во општините во Македонија.
„Средствата наменти за првиот Проект за подобрување на општинските услуги (МСИП) моментално се исплатуваат на општините во Македонија, вклучително и компонентат од ИПА Руралниот инвестициски фонд, потпишан со Европската унија во 2014 година. Вториот проект за подобрување на општинските услуги (МСИП2) ќе стапи на сила по завршувањето на парламетарните избори во земјата“, се вели во соопштението од Банката.