Откако го прославивме светиот великомаченик Георгиј, според одамна востановената традиција во Струга, празнувањето продолжии ден потоа, на 07.05.2016 година. Празнувањето на Великиот Георгиј, започна во утринските часови, во храмот „Св. вмч. Георгиј“, со света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот Никола Христоски, свештениците Васко Голабоски и Петре Бојчиноски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Христијан Костоски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодно слово, со кое ги поучи верните дека секој кој сака да учествува во Воскресението Христово, треба да учествува и во Неговиот Крст.
Во вечерните часови, река од народ повторно се собра да го прослави Маченикот Христов. Најпрво беше отслужена свечена Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, архимандритите Нектариј и Партениј, протоерејот Никола Христоски, еромонахот Доситеј, свештениците Васко Голабоски и Миле Ангеловски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконите Сашо Целески и Христијан Костоски.
По завршувањето на Вечерната богослужба, се отслужи и парастос за сите порано упокоени ктитори, приложници и свештеници од Струга. На крајот, Митрополитот Јосиф се обрати кон верниците со пригодна беседа.
Најпосле, тргна и свечената литија низ прекрасната Струга, предводена од свештенството и монаштвото од нашата Епархија, а неизбројниот народ, кој се собрал од сета Македонија, Го фалеше и воспеваше Воскреснатиот Христос, а му пееше пофални песни и на великиот маченик Георгиј. Литијата беше збогатена и со звуците на /градскиот оркестар на град Скопје, а најмногу од се, свечената Еордија, ја красеа прекрасните дечиња во народна носија, кои постојано извикуваа: Христос воскресе! Оваа година, чест да ги носат моштите имаа: Петре Русески, Стевчо Рафтоски, Христијан Ковачески и Мики Кукунешоски.