Орденот од Италијанската Република е валоризација на многубројните проекти од областа на културата што ги реализиравме во изминатиот период во сите дејности од областа на културата, особено во меѓународната соработка. Ова е признание кое нашиот труд го прави исклучителен, забележан, верификуван и награден …
Италијанскиот амбасадор во Македонија Ернесто Масимино Белели денеска на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска ѝ врачи „Орден за заслуги на Италијанската Република“.
Канческа-Милевска го добива Орденот за нејзините посебни заслуги, за придонесот и интересот да ни помогне во заемно ширење на нашите култури. Исто така и за особени заслуги во билатералната соработка и во областа на културата.
Италија го негува ова призание со голема чест и заложба – рече Белели и додаде дека високото признание е од италијанскиот претседател, кое се доделува на функционери. Тој потсети на реализираните проекти меѓу Македонија и Италија во културата, како познатата колекција на мозаици од Равена.
Белели најави дека наскоро ќе ја потпишат четвртата програма за соработка во културата, образованието и науката.
Орденот, како што рече Канческа-Милевска, е поздравување и охрабрување на сите мои заложби и резултати со кои како министер за култура настојував да дадам свој придонес во развојот на македонската култура, пред сè, во нејзина промоција и афирмација во светски рамки.
„Орденот од Италијанската Република е валоризација на многубројните проекти од областа на културата што ги реализиравме во изминатиот период во сите дејности од областа на културата, особено во меѓународната соработка. Ова е признание кое нашиот труд го прави исклучителен, забележан, верификуван и награден. Можеме да се гордееме со сето она што успеавме како држава да го постигнеме во насока на заштита на културното наследство и стимулирање на творештвото “– рече Канческа-Милевска.
Таа потенцираше дека Италија е долгогодишен пријател и поддржувач на Македонија и додаде оти негуваме меѓусебна доверба. Министерката за култура потсети дека во Македонија се проследени многу изложби, концерти и други културни настани на кои се претставија голем број италијански уметници и ансамбли, а македонските уметници и институти се претставија во Италија. Канческа-Милевска признанието им го посвети на сите оние што, како што рече, токму со своите дела градат стабилна и перспективна иднина на Република Македонија, градат општество во кое културата секогаш ќе биде највисоката и најзначајната вредност.