Од појавата на болеста Јазлеста кожа кај говедата кон крајот на минатиот месец, во земјава, досега евидентирани се 53 жаришта на болеста во 14 општини, главно во источниот дел на Република Македонија ( Демир Капија, Штип, Радовиш, Делчево. Босилово, Василево, Дојран, Ново Село, Валандово, Пехчево, Берово, Виница, Гевгелија, Македонска Каменица).
„Во жариштата, позитивни се 62 грла, односно кај нив болеста Чвореста кожа е лабораториски потврдена, а афектирани или сомнителни се 829 говеда. Заклани и нештетно уништени досега се 362 говеда,“ велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Бројот на заболени и афектирани животни од болеста Чвореста кожа претставува 0,3% од вкупната популација говеда во земјава, што споредбено со соседните земји ( Бугарија и Грција) каде исто така е присутна болеста е далеку помала бројка во споредба со бројот на заболени животни во овие земји кој достигнува до 7,5 илјади говеда.
„Навреме се преземаат сите мерки за заштита и за спречување на ширењето на болеста Чвореста кожа кај говедата која засега е присутна само во источните региони. Наскоро треба да пристигне вакцината против болеста Чвореста кожа со која во Република Македонија ќе бидат вакцинирани сите говеда.
До тогаш апелираме до сточарите да се придржуваат до дадените препораки од Агенцијата за храна и ветеринарство за заштита на животните и фармите. Бидејќи само со соодветно и навремено преземени превентивни и мерки за заштита може да очекуваме дека бројот на заболени грла нема рапидно да се зголемува.“- додаваат од АХВ.