Министерот Спасовски присуствуваше на дипломатски брифинг за активностите на МАРРИ

Денес во Министерството за надворешни работи на Република Македонија, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски заедно со директорката на МАРРИ Регионалниот Центар, Амбасадорот Тамара Мугоша, присуствуваa на дипломатски брифинг за активностите на Регионалната иницијатива за азил, бегалци и миграција – МАРРИ.

Во своето обраќање, министерот Спасовски потенцираше дека МАРРИ Регионалниот центар беше и сé уште е основа на која што елаборирајќи ги сите активности што се однесуваат на легалната миграција, продолжува заедничката борба против илегалната миграција, како и отворањето на низа прашања од особена важност за сите земји во регионот во процесот на нивно приближување кон Европската унија. Министерот истакна дека во овие времиња потребен ни е силен МАРРИ Центар кој ќе помага во изнаоѓање решенија за потешкотиите кои поединечно не можат да бидат надминати. Тој додаде дека Република Македонија, како една од земјите-основачи, е посебно горда на тоа што Регионалниот центар на МАРРИ иницијативата веќе 12 години е со седиште во Скопје и Република Македонија како земја домаќин и во иднина ќе пружа несебична поддршка преку исполнување на обврските кои произлегуваат од склучените и усвоени документи.