Во период од 19 до 20 мај 2016 година, директорката на Царинската управа на Република Македонија учествуваше на Конференцијата на директорите на царинските управи од европскиот регион во организација на Светската царинска организација (СЦО), што се одржа во Астана – Казахстан.
Во знакот на годината на дигитална Царина на СЦО, промовирана на 26 јануари-Меѓународниот ден на царината, главен акцент на Конференцијата беше ставен на ИТ системите чија употреба води кон прогресивен напредок и придонесува за поголема ефективност и ефикасност во работењето и олеснување на трговијата, транспортот и современата размена на информации, со цел да се поттикне развојот на царинските служби на полето на информатичко – комуникациските технологии и иновациите.
Покрај ова, теми на разгледување беа и прашања околу управување со СЦО, соработка во областа на царината и оданочувањето, Договорот за олеснување на трговијата на Светската трговска организација. Споредувајќи ги досегашните достигнувања и дискутирајќи ги претстојните чекори, царинските управи заеднички дефинираа насоки за идно заедничко делување во рамки на организацијата.
На маргините на конференцијата, директорката на Царинската управа на Република Македонија оствари билатерални средби со директори на неколку царински управи од Европскиот регион, со цел размена на мислења за актуелните предизвици во регионот и договарање на билатерални активности.