Претседателот на СДСМ, Зоран Заев во свое лично име и во име на Социјалдемократскиот Сојуз им го честита на граѓаните на Македонија големиот празник, 24 Мај, денот на словенската писменост и култура.
„Сесловенските просветители, браќата Кирил и Методиј дадоа огромен цивилизациски придонес не само за македонскиот, туку и за сите словенски народи. Благодарни сме што го поставија темелот на писменоста, како наше основно културно и национално обележје. Придобивките коишто ги жнееме денеска, почитувајки го јазикот, писмото и културата, се огромен влог со којшто нè задолжија сите нас.
Преку својата благородна и просветителска дејност на овие простори, браќата Кирил и Методиј ја направија Македонија лулка на словенската култура и писменост, испишувајќи со тоа светли страници од македонската културна самобитност.
Одбележувајќи го денешниот ден се потсетуваме и на суштинското значење на почитувањето на универзалните, културни и човечки вредности кај луѓето.
Големите дела на Браќата Кирил и Методиј не обврзуваат сите нас, втемелените патеки на културно издигнување со меѓусебно разбирање и помагање да ги промовираме и заеднички да ги поттикнуваме како вредности на нашето општество“ – се вели во честитката на претседателот Заев.