Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска се сретна со Џон О’Брајан, еден од основачите на реномираната издавачка куќа во САД „Далки аркајв прес“, кој беше почесен гостин на четвртото издание на интернационалниот литературен фестивал „Про-за Балкан“.
Романот „Алма Малер“ на македонскиот автор Сашо Димоски токму преку овој издавач годинава ќе биде издаден на американскиот пазар. Од оваа издавачка куќа ќе се издаде и „Антологија на македонскиот современ расказ“, во превод на Пол Филев.
„Ние неколку години, преку Годишната програма на Министерство за култура даваме поддршка на неговата издавачка куќа за една многу значајна едиција „Годишна антологија на нова европска проза“ во која се промовираат триесетина автори од Европа пред читателите во САД. Во 2011 година во оваа Антологија се најде Блаже Миневски, во 2012 Жарко Кујунџиски, а во 2016 година ќе биде објавен расказот „Бранови“ на Румена Бужаровска“, рече Канческа-Милевска.
Министерката за култура информира дека со О’ Брајан разговарале и за идната соработка и за соработката со Универзитетот во Тексас заедно со Министерството за култура за издавање дела на наши македонски автори…
„Го информирав Џон О’ Брајан за сите активности и целокупната поддршка што ја дава Владата во делот на издавачката и литературната дејност кај нас. Тој беше позитивно изненаден од сето она што го вложуваме во литературната дејност, го информирав за капиталните проекти кои досега ги реализиравме, за поддршката на приватни издавачки куќи, фестивали и настани,“ рече Канческа-Милевска.
Таа додаде дека преку Конкурсот за финансирање преводи на репрезентативни и квалитетни дела од македонската книжевност од страна на странските издавачки куќи досега се преведени 77 дела на 41 македонски автори кои се достапни на 19 светски јазици.
Канческа-Милевска му се заблагодари на Дејан Трајкоски, основач на фестивалот „Про-за Балкан“. Фестивалот, како што рече, доби високо реноме и овие неколку години успеа да вмрежи голем број странски издавачки куќи, успеа да донесе светски издавачки куќи и светски имиња и писатели во Македонија. Изрази задоволство што се создаваат нови фестивали кои нудат можности за соработка и за креација.
Џон О’ Брајан истакна дека има голем интерес за македонската литература да се преведе и да се најде на американскиот пазар. Американското издаваштво, како што рече, се смени во 1970-тите години, кога мотото беше „Америка и само Америка“ и не оставивме многу простор за книги од други држави.
Дејан Трајкоски рече дека во организацијата на фестивалот имаат поддршка од Министерството за култура и додаде оти целта е да ја промовираат македонската литература надвор од границите на Балканот.