Во 2017 година Македонија добива нова комплетно модернизирана автопатска делница на целиот потег на Коридорот 10.
Најфреквентниот автопат во земјата кој го користат во најголем обем и граѓаните и стопанските субјекти се очекува да биде комплетно модернизиран. Дел од подделниците на автопатот се веќе изградени или пак реконструирани, дел се во фаза на реконструкција, а дел се во полн ек на изградба.
Автопатската делница Демир Капија-Смоквица, е во полна фаза на градба. Таа е во должина од 28,2 со инвестициона вредност од 210 милиони евра. Пред неколку години државата го изгради кракот од овој автопат на потегот кај Табановце.
Во моментов се реконструира и проширува и автопатската делница Смоквица-Гевгелија која е со должина 10,15 км и е во вредност од 4,2 милиони евра. Прогресот на градежни работи на оваа делница изнесува над 20% и се очекува да биде завршена до крајот на оваа година.
Во тек е и реконструкцијата и рехабилитацијата на автопатска делница Куманово-Скопје во должина од 23 километри, која се очекува да биде целосно завршена во период од 15ина месеци.
Темелно беше реконструирана и автопатската делница Скопје – Велес во двата правци што опфаќаше и реконструкција на мостовите.
Од Владата велат дека наскоро ќе се започне и со реконструирање на оштетените делови на потегот на автопатската делница Неготино – Демир Kапија.
„Владата продолжува со инвестициите во автопатските делници на Коридорот 10. Информираме дека за автопатската делница Неготино-Демир Капија веќе е избран изведувач на градежните работи за реконструкција на 16 километри од оваа траса на потегот на најоштетените делови со инвестициска вредност од 4,2 милиони евра. Се очекува по комплетирањето на сите процесни претпоставки, во текот на месец јули да се отпочне и со градежните работи за реконструкции и на оваа делница. Имајќи во предвид дека претходно беа изградени или пак реконструирани и останатите автопатски делници на овој Коридор, а во тек е изградбата на делницата Демир Капија-Смоквица, како и реконструкциите на Куманово-Скопје и Смоквица-Гевгелија, се очекува дека во текот на 2017-та година Македонија ќе добие еден нов, модерен комплетен автопат на целиот Коридор 10 од Табановце до Гевгелија што ќе биде од извонредно значење и за граѓаните и за стопанските субјекти“, рече владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Покрај инвестиците на автопатот на Коридорот 10, Владата инвестира и во изградбата на два други автопати. Автопатот Кичево –Охрид (автопат Мајка Тереза) е во должина од 57 километри. За овој автопат се инвестираат 374 милиони евра, и истиот се очекува да биде готов во 2018 година.
Автопатската делница Миладиновци – Штип (автопат Гоце Делчев) е со должина од 47км, пробиени се 94% од трасата а вкупниот прогрес на градежните работи изнесува 39%. За овој автопат се инвестираат 206 милиони евра и се очекува да биде завршен за една година.
Автопатот Кичево –Охрид (автопат Мајка Тереза) е во должина од 57 километри. За овој автопат се инвестираат 374 милиони евра, и истиот се очекува да биде готов во 2018 година.