Традиционално добрите пријателски односи меѓу Македонија и Чешка треба да ги следат и бизнис-заедниците на двете држави, а исклучително позитивната политичка и културна соработка да биде насока за понатамошно интензивирање и унапредување на релациите и во областа на економијата. Ова денеска на учесниците на Македонско-чешкиот бизнис-форум, што се одржува во Охрид, им го порача претседател на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов.
„Особено значајна за двете држави е соработката во енергетскиот сектор, обновливите ресурси, развојот на малите хидроцентрали, ветерните електрани, сончевата енергија, геотермалните технологии, рударството. Посебен интерес постои и во областа на металната и на електроиндустријата, во автомобилската индустрија за поврзување на македонските производители со чешки компании, хемиската индустрија, животната средина, земјоделството, прехранбената индустрија и во туризмот “– рече Иванов.
Чешкиот претседател Милош Земан, воодушевен од убавините на Македонија, особено на Охрид, изрази отворено жалење што во моментов нема организирани туристички посети на чешки гости во нашата земја.
„Целта на активностите и на бизнисмените и на политичарите е да ги увидат празнините во соработката. Македонија е прекрасна земја, а доколку се има предвид дека туризмот е индустрија, тука постои празнина што треба да се пополни “– рече тој.
Истовремено, Земан критички се осврна на недоволно искористените можности за чешки инвестиции во Македонија, забележувајжи дека тоа е пропуст на двете држави, притоа посочувајќи примери на конкретни парадоксални административни и бирократски пречки.
„Убеден сум дека оваа моја посета на Македонија ќе помогне во насока на пополнување на празнините што ги посочив. Веќе соработуваме во областа на хидроенергетскиот сектор. „Хидропол“ веќе има изградено седум хидроцентрали во Македонија, што е добар почеток. Оттаму, искрено се надевам дека и денешниот собир ќе резултира со нови бизнис-договори, во духот на меѓусебно пријателство“ – рече Земан.
Извор: meta.mk