Завршен испит на матурантите од ОУТУ „Ванчо Питошески“

Учениците од средното угостителско-туристичко училиште „Ванчо Питошески“ од образовните профили келнер и готвач, го полагаа завршниот практичен дел од матурата.

Пред комисијата и предметните професори во кабинетот за готварство, готвачите ги покажаа своите вештини во кујната за подготвување на специјалитети за предјадење, главно јадење и десерти, додека пак во кабинетот за послужување келнерите кувертираа маси за банкет, фламбираа и послужија банани, кувертираа ресторанска сала по ала карт, презентираа вештини од барменството приготвувајќи коктели и беа задолжени за нивно послужување.

За матурантите последниот дел од завршниот испит не беше тежок. Со задоволство им покажаа на присутните што научиле, бидејќи трудот и нивното дело се гледаа. Во дегустацијата уживаа и учениците, видно задоволни од она што го подготвиле. Учениците си обезбедуваат работа додека посетуваат практична настава бидејќи работодавците го препознаваат квалитетот. Затоа треба да се даде акцент на средното стручно образование, особено угостителско-туристичката струка, бидејќи на пазарот на трудот недостасуваат такви кадри за вработување во градот и земјата.“

На 28-ви и 29-ти јуни средното угостителско-туристичко училиште ја очекува новата генерација готвачи, слаткари, келнери, угостителски техничари, хотелско-туристички техничари и угостителски техничари за рурален туризам.