Почна снимањето на филмот „Слобода или смрт“

Почна снимањето на долгометражниот игран филм „Слобода или смрт“ по сценарио и режија на Владимир Блажевски. На првата клапа, во куќа покрај кејот на Вардар позади Железничката станица во Скопје, присуствуваа и министерката за култура Елизабета Канечска – Милевска, како и директорката на Агенцијата за филм на Република Македонија Мими Ѓоргоска Илиевска.

Филмот е сатирична комедија, копродукција со Косово, Србија и Словенија, ќе има 114 сцени, а ќе се снима 52 дена или околу 2,5 месеци на околу 80 различни локации во Скопје, Битола, околината на Гостивар, Дебар,… Се најавува како тежок, обемен проект и прилично скап. Буџетот изнесува 1,4 милиони евра, а го обезбедија Агенцијата за филм, Еуроимаж и кино-мрежата на Југоисточна Европа.

Покрај Игор Ангелов на кого му е доверена главната углога, во „Слобода или смрт“ игра бројна актерска екипа. Гостуваат глумци од Македонија, Србија, Словенија, Хрватска,….

„За мене како автор, овој чин на почнување нов филмски проект е од посебно значење. Возбуден сум и збркан. Како и сите мои колеги, сметам дека секој нов филм ќе биде најдобар на свет. Тоа е природно за секој амбициозен автор. Многу искрено и страсно се надевам дека филмот ќе биде многу добар“, изјави Блажевски.

Филмот, додаде, не е камерен, сниман на едно или неколку места, туку е постојано во движење. Во однос на актерите е убеден дека направил одличен избор.

„Се обидувам да направам нешто поинаку од претходниот филм кој беше улична документаристичка натуралистична драма со многу груб стил.

„Слобода или смрт“ е замислен како потивко, поестетизирано дело што ме унеспкојува, зашто ваквата приказна бара многу повеќе. Претходната успеваме да ја направиме герилски, партизански, со многу малку средства, а сега станува збор за прилично скап проект“, додаде режисерот.

film_1-001

Продуцентот Дарко Попов, пак, изрази задоволство што овојпат со Блажевски снимаат комедија, а не драма. Воедно нагласи дека е среќен што квалитетот на сценариото, покрај Агенцијата за филм, го препознаа и филмски центри надвор од Македонија. На Венис фајненшл геп форумот од 600 проекти влегуваат шест, меѓу кои, рече, помина и „Слобода или смрт“.

„Мислам дека комедијата ќе биде добра зашто уште сега, од материјалот што го гледаме, се смееме. Треба да бидеме смирени бидејќи филмот е обемен и тежок, но мора да се издржи,“ нагласи Попов.

Посакувајќи му успешна работа на режисерот и неговиот тим, Канческа – Милевска изрази уверување дека филмот ќе биде целосно завршен оваа година, а идната публиката ќе може и да го види.

„Познавјќи го големото реноме на Блажевски, по „Панкот не е мртов“ кој беше претставен на преку 40 филмски манифестации и доби над 11 меѓународни награди, убедена сум дека ќе имаме исклучително добар филм“, нагласи министерката.

Таа потсети дека Владата многу инвестира во македонската кинематографија и филмската индустрија воопшто.

„Досега, од 2008 до 2015 година со 29 милиони евра буџетски пари се поддржани околу 225 филмски проекти, играни, кратки, документарни, анимирани филмови. Оваа година, пак, ќе бидат завршени 24 филмови од кои пет играни со мнозински удел, четири со малцински удел, четири документарни и 11 кратки анимирани филмови“, истакна Канческа Милевска.

Бројката на филмови, посочи, се зголемува секоја година. „Фестивалот „Браќа Манаки“ секоја година се отвора и затвора со домашен филм. Верувам дека ќе биде така и оваа година“, рече Канческа Милевска.

film_2-001