Средба на министерката за култура Канческа-Милевска со делегација од НР Кина

На средбата на која присуствуваше и амбасадорот на НР Кина во Македонија Вен Женшун, министерката Канческа-Милевска ги потенцираше традиционално добрите културни врски меѓу двете земји кои се одвиваат во рамките на Програмата за соработка во областа на културата потпишана меѓу Министерството за култура на Република Македонија и Министерство за култура на НР Кина …

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска оствари средба со делегација од НР Кина предводена од заменик гувернерот на пеовинцијата Гансу, Хао Јуан.

На средбата на која присуствуваше и амбасадорот на НР Кина во Македонија Вен Женшун, министерката Канческа-Милевска ги потенцираше традиционално добрите културни врски меѓу двете земји кои се одвиваат во рамките на Програмата за соработка во областа на културата потпишана меѓу Министерството за култура на Република Македонија и Министерство за култура на НР Кина. Министерката за култура, меѓу другото, подвлече дека во рамките на досегашната добра соработка во сите дејности од областа на културата меѓу двете земји, реализирани се повеќе значајни и квалитетни културни содржини.

Во тој контекст, таа ги истакна: реализацијата на манифестацијата „Денови на македонската култура во НР Кина“, гостувањето на Народниот театар од Битола во Пекинг со претставата „Хенри VI“, настапите на Кинескиот младински национален оркестар при Централниот музички конзерваториум од Пекинг, како и повеќе настапи на македонски и на кинески уметници. Во областа на издавачката дејност, Канческа–Милевска ја истакна соработката преку издавањето антологиски збирки од македонската литература преведени на шест странски јазици, меѓу кои и на кинески.

Заменик-гувернерот Јуан истакна дека целта денешната посета на кинеската делегација е да се разгледаат новите можности за соработка во областа на културата и образованието меѓу двете земји. На средбата стана збор и за културното ЕКСПО „Патот на свилата“ кое ќе се одржи во септември годинава во провинцијата Гансу и чија цел е продлабочување на соработката во областа на културата меѓу земјите од Југоисточна Европа и Кина. Како што беше истакнато во рамките на саемската манифестација ќе се дискутира на тема „Наследството од патот на свилата, промовирање културни размени и заедничко учење“ ќе бидат изложени и голем број вредни артефакт од земјите учеснички. Заменик-гувернерот Јуан упати отворена покана до министерката за култура за учество на манифестацијата „Патот на свилата“.

DSC_0027