Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денес одржа прес-конференција, на која истакна:
„Почитувани граѓани,
Сите рокови се пробиени. Трпението на граѓаните е при крај.
Длабоката политичка криза во Македонија треба што побрзо да заврши.
Уставниот суд мора веднаш да се изјасни за уставноста на Законот за Специјалното јавно обвинителство.
Недозволиво е повеќе од 8 месеци да трае постапката за изјаснување на Уставниот суд и правдата да се држи во заточеништво.
Додека не се изјасни Уставниот суд за уставноста на Законот за Специјално јавно обвинителство, пратениците од СДСМ и коалициските пратеници нема да учествуваат во работата на Собранието.
Пратениците имаат обврска да дејствуваат во заштита на институцијата-симбол на правдата и вистинската борба против криминалот, што едногласно ја изгласаа.
Сите политички партии треба да докажат дека навистина ја поддржуваат работата на Специјалното јавно обвинителство.
Парламентарните партии својата вистинска поддршка за работата на Специјалното јавно обвинителство ќе ја докажат доколку и тие не учествуваат во работата на Собранието.
Тоа се однесува и за независните пратеници.
Ова е особено важно по вчерашното срамно обраќање на Ѓорге Иванов и обидот да го наруши угледот, статусот и правната поставеност на оваа независна институција и да отвори пат за намерата на Груевски да го суспендира СЈО.
Договорот од Пржино не може да се смета за одржлив без обезбедување на владеењето на правото и почитувањето на законите.
Единствен излез од длабоката политичка криза во којашто Никола Груевски ја втурна Македонија е можен само преку владеење на правото и исполнување на условите за слободни, фер, демократски и кредибилни избори.
– Прочистување на избирачкиот список.
– Реформи во медиумите.
– Формирање Влада којашто ќе создаде услови и ќе спроведе слободни, фер, демократски и кредибилни избори.
Активната улога и разбудената граѓанска свест во Македонија е нова вредност. Мора да се уважи и да се почитува граѓанскиот глас.
Прогонот на граѓаните коишто протестираат мора да прекине.
Истовремено истакнуваме дека опозицијата се согласува граѓаните да бидат активно вклучени во преговарачкиот процес.
Ќе направиме се што е во наша моќ граѓаните да бидат директни учесници во решението на кризата.
Борбата за правда, слобода и демократија продолжува.
Во Македонија ќе има само слободни, фер, демократски и регуларни избори.“– истакна Заев.