Имаме најави за втор мигрантски бран што се очекува во текот на ова лето, кој ќе биде сосема поинаков од искуствата кои ги имавме со првиот мигрантски бран. Овој бран е веќе тргнат и се чувствува во централно медитеранскиот коридор, изјави претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов при денешната посета на Министерството за внатрешни работи.
Македонскиот претседател посочи дека денешната посета е во склоп на посетите на институциите и надлежните во справување со мигрантската криза, односно со сите оние кои се вклучени во кризниот менаџмент во справување со сите предизвици кои ги имаме со мигрантскиот бран.
„Сето ова е во функција на најавите дека не очекува втор мигрантски бран. Министерот, заедно со директорите ме информираа за сите научени лекции и сето она што го имавме во првиот бран. Сите мерки се преземени, од голема корист се полицајците од земјите членки на ЕУ и балканскиот регион. Сите активности се синхронизирани, нашиот кризен менаџмент дневно известува за сите обиди за влегување и отворање на балканскиот регион“, рече претседателот Иванов.
Посочи дека како држава се справуваме успешно и покажавме како треба и другите земји да се справуваат и однесуваат со вакви предизвици.
Според претседателот Иванов станува збор за втор бегалски бран кој трнува од Египет, каде моментално се наоѓаат пет милиони мигранти, додека на границите со Судан има 20 милиони потенцијални мигранти од рогот на Африка, кои досега успешно ги контролираше, но и поради состојбата во бегалските кампови во Либан и Турција.
Со загриженост ја примивме пораката за излез на Велика Британија од ЕУ
Со загриженост ја примивме пораката за тоа што денеска се случи во Велика Британија, пред сè бидејќи сите наши стратешки определби и ориентации се кон Европската Унија, изјави претседателот Иванов, при посета на Министерството за внатрешни работа.
Според претседателот Иванов, сега се наоѓа во една нова реалност за која нема никакво претходно искуство. Истакна дека се следат сите настани и изрази очекување дека ќе се појави лидерство и храброст во носењето одлуки.
„Ние и претходно укажувавме дека начинот на кој се носат одлуките во Европа не соодветствува со времето во кое живееме. Гледате, ЕУ како не беше навикната и подготвена да носи две одлуки во исто време, се фокусира само на еден проблем и го заборава другиот. Знаеме дека кога беше проблемот со Грција, фокусот беше да се спаси и остане во ЕУ, кога почнаа состојбите во Украина, се заборави Грција, кога почна мигранстакта криза сите ја заборавија Украина, кога дојдоа безбедносните закани, сите заборавија на мигрантите. Сега сите се преокупирани само со Велика Британија. Тоа сите нас нè вознемирува бидејќи сите наши граѓани очекуваат и сакаат еден ден да бидат дел од тоа големо европско семејство“, рече претседателот Иванов.
Но, според претседателот Иванов потребно е лидерство и храброст и нов начин на носење на одлуки.
„Ние, постарите, ја доживеавме трагедијата на поранешна Југославија, каде, исто така имаше систем на колективно одлучување и носење одлуки со консензус. Секој имаше право на вето и каде е сега таа држава? Нè загрижува можноста Европската Унија да не тргне по истиот пат затоа што во услови на криза и закани, кај земјите се јавува себичност. Секоја држава настојува само своите проблеми да ги решава, а проблеми и предизвици има премногу. Се појавуваат радикални десничарски групи кои за проблемите ги обвинуваат мигрантите и муслиманите, се јавува исламофобија кон луѓето кои немаат каде да одат бидејќи немаат ниту домови ниту држави“, рече претседателот Иванов.