СДСМ: Здравствените установи во Струга во очајна и катастрофална состојба

Пратеникот Јован Митрески, во изјава за медиумте истакна:

„Катастрофалната состојба во јавните здравствени установи во Струга ги негираат милионските инвестиции во здравството кои секојдневно ги промовира министерот Тодоров.

Доказ дека тие инвестиции се виртуелни се мизерните услови за болничко лекување, недостаток на основна терапија и недостаток на реагенси во болничките лаборатории.

Наместо да се решаваат здравствените проблеми на граѓаните, наместо да ја добијат услугата за која од нивните плати се задржува придонес за здравствено осигурување, тие се изложуваат на дополнителни трошоци со тоа што сами, од приватни аптеки треба ја купуваат терапијата потребна за болничкото лекување.

Наместо да ги решаваат здравствените проблеми со што директно се загрозува животот на граѓаните, тие се грижат исклучиво за тендери и бизнис интереси.

Доказ за тоа е Заводот за нефрологија – Струшката дијализа. И покрај нашите реакции како политичка партија, и покрај реакции на вработените и стручната јавност, реакциите на бубрежно болните, заводот беше даден на приватен концесионер за месечна закупнина помала од закупнината на најмалото дуќанче во Струга. Од национално и меѓународно позната и призната институција, од институција во чие макотрпно градење учествувале генерации здравствени работници направија институција која се соочува со сериозни долгови и финансиски блокади.

Чии интереси штити министерот Тодоров? Ги штити интересите на јавната здравствена установа или на приватниот концесионер кој влече огромни средства од Фондот за здравство?

Одговорот е јасен и него го знаат сите граѓани на Струга и Р. Македонија.

Затоа на Македонија и се потребни промени. Затоа граѓаните меѓу Груевски и Македонија ја избираат Македонија.

Промени ќе има, а за сторениот криминал ќе одговараат.“- истакна Митрески.