Три лица повредени во сообраќајна незгода на патот Охрид – Кичево

Три лица се здобија со тешки телесни повреди во сообраќајната незгода што денес во 07 часот и 50 минути се случи на магистралниот пат Охрид-Кичево, на потегот помеѓу селата Мешеишта и Требеништа.

Со возила на брза помош, две тешко повредени лица се пренесени во болницата „Св.Еразмо“ додека третото повредено лице се наоѓа на одделот хирургија при Општата болница во Охрид.

Во тешката сообраќајната незгода учествувале две патнички возила-џип: „Порше“ со дипломатски ознаки и „Крајслер“ со американски национални ознаки како и едно товарно моторно возило марка „Ивеко“ со македонски национални ознаки.

Двете патнички моторни возила, по магистралниот пат се движелe во правец од Охрид кон Кичево додека товарното возило „Ивеко“ сообраќало во обратен правец односно од Кичево кон Охрид. Моментно е утврдуваат причините за сообраќајната незгода како и тоа дали истата е случена во момент на претекнување на возилото-џип „Крајслер“ во кој се наоѓале трите сега тешко повредени лица над возилото „Порше“.

На местото на сообраќајната незгода, извршен е увид во присуство на јавен обвинител, сообраќаен вештак и полициски екипи од полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид. За време на увидот, сообраќајот беше во прекин за товарните возила и автобусите додека патничките возила беа пренасочувани по локалните патишта.

Во соработка со Јавниот обвинител, се преземаат мерки за утврдување на идентитетот на тешко повредените лица а по негова наредба, врз моторните возила ќе биде извршено дополнително вештачење.