Почна јубилејниот 55. Балкански фестивал на народни песни и игри

На летната сцена Долни Сарај, синоќа, со настапот на ансамблот „Танец“, свечено беше отворен јубилејниот 55.Балкански фестивал на народни песни и игри, на кој учествуваат фолклорни друштва од Македонија, Турција, Австралија, Бугарија и Црна Гора. Фестивалот за отворен го прогласи покровителот, претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски, а се обратија директорот на Центарот за култура „ Григор Прличев“ Горан Стојаноски и претседателката на Советот на општина Охрид Гордана Коњаноска.

balkanski_55._400

„И после 55 години, од овде, од прекрасниот амбиент на летната сцена Долни Сарај, учесниците на фестивалот ќе упатуваат универзални пораки за хуманизам, презентирање на сопствениот идентитет, јазикот, културното наследство и иднината.Пораките ќе бидат уште посилни, зошто се испраќаат од Охрид, светото место во кое со милениуми се напластувале цивилизациските и културни белези на човечките достигнувања.

Колоритот на носиите, песната, играта и јазикот на многу народи, деновиве ќе не разгалуваат и ќе создаваат амбиент во кој растреперуваат срцата и се будат сите човекови сетила.Таквото суптилно преплетување на културните вредности ќе го почуствуваат и бројните домашни , а посебно странските туристи од речиси сите страни на светот, кои престојуваат во Охрид. Балканскиот фестивал на народни песни и игри е нашиот вечен трезор во кого грижливо се чуваат богатствата на песнопојната и играорната традиција, не само на македонскиот, туку и на многу други народи. Тие, фолклорни реткости со генерации се пренесувале од колено на колено, се преплетувале и надополнувале и правеле вистински филиграни кои им одолевале и им оддолеваат на сите притисоци на современото живеење“-рече претседателката на Советот на општина Охрид Гордана Коњаноска.

На фестивалот вечерва ќе настапат ансамблите „Александар Македонски“ од Мелбурн и „Гоце Делчев“ од Битола, како и КУД „Дримкол“ од Вевчани. На фестивалската програма во сабота се ансамблите „Китка“ од Истибања и „Македонски бисери“ од Австралија и фолклорниот ансамбл од Турција. На затворањето на фестивалот, во недела, ќе настапат ансамблите „Пловдив“ од Бугарија, „Искра“ од Црна Гора и КУД „Отексфолк“ од Охрид.

balkanski_55._4001 (1)