Советниците на опозицијата во Советот на општина Охрид, денес одржаа прес-конференција, во чие име се обрати д-р Јован Стојаноски, координатор на советничката група на ОО СДСМ Охрид.
„Никола Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ ниту донесоа напредок, ниту реализираа еден приоритетен проект за Охрид и охриѓани. Од многуте ветувања, ниту еден од зацртаните приоритени проекти не е реализиран, ниту има некаква трага и почеток за нивна реализација.Ја нема ветената автобуска станица којашто му е потребна на Охрид, туристичкиот бисер на Македонија. Изградбата на нова, современа, меѓународна автобуска станица која беше прв приоритетен проект во предизборната програма на Бакрачески очигледно била само уште една предизборна лага на ВМРО-ДПМНЕ. Граѓаните само знаат дека беше продадена атрактивна парцела со вкупна површина од околу 12.000 квадратни метри со многу поволен договор за фирмата купувач по багателна достигната цена од 3.487 денари, односно вкупно 41.833.540 денари.“- рече Стојаноски и додаде:
„СДСМ и коалиционите партнери долго време укажуваше на тоа дека најдобар модел за ваков проект е моделот на Јавно приватно партнерство, при што локацијата и дел од деловниот простор би останал на градот и неговите граѓани. Очигледна беше намерата ова атрактивна локација да падне во рацете на фирми блиски до власта. Охрид и охриѓани сеуште се без современа автобуска станица. Граѓаните на Охрид останаа покуси за 12 000 метри квадратни атрактивно земјиште и со многу нејаснотии на што и каде конкретно се потрошени парите добиени со овој штетен договор за продажба на градско земјиште. Разулавената ВМРО-ДПМНЕ продолжува да носи одлуки штетни за граѓаните.
На последната 57-ма седница на Советот на општина Охрид, преку Програмата за времени објекти, токму во близина на парцелата за автобуска станица, од 14 локации, 13 се дефинирани за времени објекти. При тоа не водејќи сметка за праведно применување на Законот за легализација и правејќи селективно неговото применување. Со оваа Програма, со ова одлука, дел од времените објекти, во кои со години обезбедуваа работа и живот на наши граѓани ќе бидат одстранети. Луѓето ќе останат без својот извор на егзистенција, а воедно и многу други наши сограѓани чии постојни времени објекти не се дел од донесената Програма, ќе се вознемирени и ќе стравуваат за судбината на нивните деловни објекти во кои заработувале парче леб. СДСМ и коалиционите партнери најостро се спротивставува на ваквите потези на Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ. Кога веќе не реализираат ниту еден приоритетен проект, барем нека не донесуваат штетни одлуки, со кои најголемата штета паѓа врз грбот на граѓаните.“- заврши Стојаноски.
WebOhrid