Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во Вила Билјана во Охрид, во проштална средба го прими амбасадорот на Италијанската Република во Република Македонија, Н.Е г. Ернесто Масимино Белели.
Македонскиот претседател се заблагодари за севкупниот ангажман и придонес на амбасадорот Белели во насока на унапредување на билатералните односи меѓу двете земји и му посака успех во натамошната кариера.
Двајцата соговорници изразија задоволство од одличните билатерални односи меѓу двете земји, и очекување дека и во наредниот период Република Македонија и Италијанската Република ќе ја развиваат соработката во сите области од заемен интерес. „Следната година Република Македонија ќе биде домаќин на Брдо Бриони Процесот, додека пак Италијанската Република ќе биде домаќин на самитот на Премиери на земјите членки на Брдо Бриони Процесот, како продолжение на Берлинскиот процес, што значи ќе биде неопходно да продолжи дијалогот и координацијата на сите нивоа со цел синергија меѓу двата настана”, истакна претседателот Иванов.
Претседателот Иванов изрази задоволство од реализираната официјална посета на Италијанската Република и очекување дека нагорниот тренд во политичкиот дијалог ќе се рефлектира и на економските односи меѓу двете држави, во насока на нивно продлабочување и унапредување.
Амбасадорот Белели се заблагодари за севкупната соработка со македонските институции и истакна дека Италијанската Република и во иднина ќе ги поддржува интегративните процеси на Република Македонија во ЕУ и НАТО, и ќе работи во насока на натамошна промоција и продлабочување на економските и културните врски меѓу двете земји.
На средбата двајцата соговорници разменија мислења и за актуелните случувања во регионот и Европа, безбедносните предизвици, мигрантската криза и предизвиците на Европската Унија.