Сочувство од претседателот Иванов по повод терористичкиот напад во Ница

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод терористичкиот напад во Ница, упати сочувство до Претседателот на Француската Република, г. Франсоа Оланд.

„Почитуван господине Претседател,

Со шок и огорченост ја примив веста за терористичкиот напад во Ница, во кој животот го загубија голем број на невини лица и каде има голем број на повредени. Во овие тешки мигови на тага на пријателскиот народ на Француската Република, дозволете ми да изразам сочувство на семејствата на жртвите на овој грозоморен и антицивилизациски чин, а на повредените да им посакам брзо закрепнување.

Република Македонија остро ги осудува и се спротивставува на сите терористички напади и е солидарна со Француската Република во борбата против тероризмот.

Како никогаш досега, потребно ни е заедништво, максимална соработка и одлучност во борбата против сите оние сили кои преку насилство и терор сакаат да внесат страв и омраза, притоа уништувајќи ги сите цивилизациски придобивки кои генерациите зад нас истрајно ги создавале.

Господине Претседателе, нашите мисли и молитви се со Вас и со семејствата на жртвите.“-  се вели во писмото.