Директорката на Царинската управа на Република Македонија присуствуваше на 127-та/128-та седница на Советот за царинска соработка што се одржа од 14 до 16 јули 2016 година во Брисел.
Годинава приоритет беше ставен на безбедноста. Усвојувајќи ја Пунта Кана резолуцијата за безбедност и Програмата за нејзина имплементација, Светската царинска организација ја потенцираше клучната улога на царината во борбата против недозволената трговија и тероризмот.
Светската царинска организација ја поддржува интензивната соработка помеѓу царинската служба и меѓународните организации на полето на безбедноста, но воедно се залага и за олеснување и забрзување на трговијата со легитимните стоки.Воспоставување на рамнотежа помеѓу двете клучни компоненти олеснувањето на трговијата и безбедноста е приоритетна активност на СЦО.
Во клучните приоритетни активности предвидени со Стратешкиот план 2016 – 2019 година е технолошкиот развој на СЦО – Дигитална царина. Во таа насока, сите царински служби имаат за цел да воспостават висок степен на дигитализација, што ќе придонесе царината да ги има во свои раце сите алатки со кои поуспешно ќе се справи со предизвиците на денешницата.
Делегатите, претставници на царинските администрации членки на Светската царинска организација (формирана во 1952 година како Совет за царинска соработка со мисија да допринесе за поголема ефикасност и ефективност на царинските администрации, сега со 180 членки), ја потенцираа важноста од интензивна соработка помеѓу царинската служба и другите погранични агенции, особено полицијата.
Од аспект на ефикасна и ефективна наплата на царинските приходи и заштитата на финансиските интереси на државите, препорака на Светската царинска организација беше зголемена соработка помеѓу царинските и даночните служби. Исто така, беше истакнато се поголемото значење од воспоставување на мрежа за борба против криумчарење на културното наследство (пред се во конфликтните зони) со цел зачувување на светската меморија, но и спречување на финансирањето на терористичките активности.
На седницата на Советот за царинска соработка беа усвоени стратешките документи Стратешкиот план 2016 – 2019 и Оперативниот план за 2017 година, а се изврши и избор на претседавачи на одредени тела и директорати на СЦО.
Присуството на седницата на Советот за царинска соработка беше можност преку неформални билатерални средби, шефовите на царинските служби директно да разменат мислења и иницијатива за идни активности од заеднички интерес.