Заев: Постигнат е договор за граѓаните, ставаме крај на деструкцијата на Груевски

Изјава
Зоран Заев, претседател на СДСМ
Струмица, 22.07.2016

Овој договор што се постигна е пред `се и над се поголем договор за граѓаните на Република Македонија и е излез од политичката криза. За СДСМ е поволен Договорот којшто го постигнавме заради тоа што ги обезбедува чекорите за исполнување на минимум двата услова, а тоа е минимум регулација на медиумите преку формирањето на ад-хок телото, но секако и допрочистување на Избирачкиот список онолку колку што е можно.

Со овие две фази очекуваме избалансирано известување на медиумите, очекуваме почитување на професионалните стандарди, етичките кодекси, не ширење омраза од страна на медиумите во Република Македонија се со конечна цел да дадат подобро изразување на слободна волја на граѓаните. Истовремено процесот ДИК што треба да го заврши во наредните 30-тина дена, а на крајот ќе го констатираме ние лидерите на четирите партии, треба да го предочи конечниот Избирачки список за наредните парламентарни избори којшто конечно нема да биде 1.813.000 или 1.804.000, туку ќе биде помеѓу 1.550.000 и 1.580.000. Тоа е веќе нешто ново, нешто фер, целосно се отстранува можноста да се злоупотребат евентуално гласачи во Избирачкиот процес, дополнително и тоа ја гарантира слободно изразената волја на граѓаните.

Од тука би сакал да појаснам дека Социјалдемократскиот сојуз, целиот овој период се обидува да стави крај на историската голгота и застрашувачката деструкција на виталните државни и национални интереси на современата држава Република Македонија од страна на Никола Груевски и неколкумина околу него. Граѓаните на слободни и демократски избори ќе го покажат патоказот по којшто ќе се движиме во годините на нашите најголеми предизвици и искушенија. Сакал Никола Груевски или не, граѓаните имаат право на слободни и демократски избори и таквите избори набрзо ќе се случат во Република Македонија.

Oдговори на новинарски прашања

Медиуми: Г-дине, Заев прашање до Вас како лидер на опозицијата, има многу реакции последниве два дена околу постигнувањето на Договорт, особено од невладините организации, како и од поддржувачите на Шарената револуција, имаат многу замерки за постигнатиот договор, особено во однос на медиумите сметаат дека ВМРО ДПМНЕ, извлече повеќе корист од овој договор, Ваш коментар?

Заев: Еве вака, никој не може да биде до крај среќен со договорите. Во договорите и двете страни треба да попуштат за да има договор, да не заборавиме, губат граѓаните, губи економијата со пролонгирањето на оваа криза. Нашиот став во однос на медиумите е целосни реформи, ние го поддржавме предлогот преку ЗНМ којшто беше изработен од меѓународната заедница и предаден преку Питер Ванхојте, тоа се вистински реформи на медиумите каде што ќе се менуваше и персоналниот состав на Агенцијата за медиуми или АВМУ и на програмскиот совет на Македонската Радио Телевизија. Власта со своето мнозинство, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, имаат некаде околу 67 – 68 пратеници, тие го одбија законот, не дозволуваат и рекоа дека до крај нема да прифатат ваков закон. Со сила на човека можеш да му земеш, не можеш да му дадеш, одговорноста е подеднаква за сите затоа во овој процес се нафативме да одиме со минимум регулации, што значи тоа – регулирање од ад-хок тело коешто ќе носи одлука на секои седум дена или неделно во делот на избалансирано претставување на политичките партии, во делот на професионалните стандарди, етичкиот кодекс и можноста од не ширење на омраза. Колку толку имаме исчекор во делот на подготовката медиумски аспект на изборите. Социјалдемократскиот сојуз јавно ветува, со преземање на власта веднаш ќе го донесеме законот којшто го предложи ЗНМ, а беше изработен од меѓународната заедница и предаден преку Питер Ванхојте, во рок од 100 дена, и во рок од 6 месеци ќе ги имплементираме итните реформски приоритети и извештајот на Прибе, тоа е целото што се однесува во делот на медиумите, тоа е наше ветување пред граѓаните. Но, за да може Македонија да излезе побрзо на избори, крајно време беше да се постигне договор. Преку овој договор од прилика е профилиран датумот како 11 декември, зошто на 31 август се прави пресек на условите и од 31 август, односно буквално од 1 септември до 11 декември се 100-те дена Влада, затоа е проектиран 11 декември како можен датум за избори – јас се надевам дека ДИК стручно и професионално ќе ја заврши работата. Апелирам до сите кои ќе учествуваат во процесот на селекција на експерти во ад-хок телото, вкупно пет луѓе, да бидат професионално ангажирани во интерес на државата. Да ги ставиме партиските интереси настрана, а истовремено тоа го гарантирам како овластен предлагач, прв од опозицијата, дека во предлогот за главен уредник на информативната програма на Македонската Радио Телевизија ќе се водам од селекцијата јас и мојата партија, а и од опозицијата, од строго професионално, експертско решение од делот на експертите или фелата новинарска, за да може барем во националниот сервис, каде што сите граѓани плаќаме да имаме рамноправно, избалансирано почитување и на професионалните и на етичките стандарди како што доликува на една нормална земја.

Медиуми: Во текот на вчерашниот ден ВМРО ДПМНЕ почна да го минира тој ваш договор лидерски што беше. Имаме разрешување на околу 150 професионалци во МВР и деградирање ….Како ќе го искоментирате тоа?

Заев: Сите луѓе во МВР коишто не се нивни активни членови 10 години на свои плеќи го почувствуваа максималното деградирање. Јас верувам дека за овие луѓе не е нешто ново и новото деградирање коешто им го прават. Во моментов Министерството за внатрешни работи ги пополнува сите испразнети места по систематизација за на министерот од опозицијата на еден начин да му ги врзе рацете. Во моментот ги пополнува сите празнини и можности коишто законот и Уставот ги дава на секој министер за внатрешни работи, а така и на новиот којшто ќе дојде од опозицијата, `се со конечна цел, претпоставувам, да се врзат колку-толку рацете на министерот за внатрешни работи кој ќе дојде од опозицијата. Напоменувам, барањето за техничка Влада е заради гарантирање на слободна изразена волја на граѓаните преку директно учество на опозицијата во извршната власт. Тоа беше смислата на преговорите. Конечната цел на Договорот од Пржино е полн легитимитет на победникот на изборите. Тоа е возможно само ако власта и опозицијата ја понесат целосно одговорноста во спроведувањето на целосно, кристално чисти, регуларни, фер и демократски избори. Само тогаш има полн легитимитет победникот на самите избори. Полниот легитимитет на победникот ја гарантира стабилноста на Р.Македонија исправена пред ваквите историски предизвици за коишто зборував во мојата изјава. Оттука треба да знаат сите граѓани, ќе ги почитуваме комплетно професионалните стандарди и професионализмот во МВР и во Министерството за труд и социјална политика. Наша конечна цел е, не да владееме со тие министерства. Ние со овие министерства ќе управуваме после изборите во декември месец. До тогаш, наша цел е да ја споделиме одговорност со власта и да бидеме гарантори на граѓаните дека ќе бидат заштитени при секое уценување, заплашување, поткупување и слично. Односно, опозицијата ќе ја исполни својата цел, ако кој било во државата, без разлика дали е од ВМРО-ДПМНЕ или од СДСМ се обиде да заплашува, да угнетува, да се заканува, да поткупува, МВР ќе биде должно и согласно законите и согласно волјата на опозицијата да притвора, веднаш во рок од 24 часа, колку што има право по закон и да оди пред обвинител и судија за предистражна постапка да бара притвор за секој оној кој ќе се обиде да го узурпира, ускрати или поклопи она што значи слободно изразување на волјата на граѓаните за време на изборите. Овие избори мора да бидат кристално чисти. Граѓаните на Р.Македонија имаат право на слободни и демократски избори и тие избори конечно во Македонија ќе се случат. А рековме само ќе ве потсетам, ако приближно Македонија добие фер, демократски и слободни избори, приближно, ќе ја видат граѓаните целата леснотија со којашто ќе замине Никола Груевски од власт. Јас сум убеден во тоа. Ќе го дочекаме денот на изборите да ги видиме колоните граѓани како се редат за конечно да го дефинираат патоказот и правецот по којшто ќе се движи нашата Македонија.

Медиуми: Како ќе го коментирате заемот од 450 милиони евра којшто беше одобрен пред два дена?

Заев: Опозицијата направи `се што можеше во духот на родољубското, патриотското и татковинското однесување на коректив на она што не чини на власта. Ние немаме намера да ги загрозиме интересите на Р.Македонија. Првата изјава којашто ја дадов јас лично, јавно кога слушнав дека Владата донела одлука за задолжување на 650 милиони евра беше, ние ќе поздравиме и ќе подржиме задолжување од 250 милиони евра, не од 650 милиони евра. Зошто? Заради тоа што расипничкото трошење на власта ја довело Македонија да мора да земе 250 милиони евра и тие пари се за репрограм односно враќање на веќе доспеани обврски кон државата. Не ни беше логична разликата од 450 милиони евра до 650 милиони евра. Затоа интервениравме согласно закон и она што ни е дозволено и по Устав и по закон да алармираме пред целата меѓународна јавност и потенцијалните инвеститори дека е нелeгитимно и нелегално ваквото задолжување. Владата го има целото уставно право и со закон добиено право да повлекува кредит. Драго ни е што не се 650 милиони евра, што се 450 милиони евра. Зошто? Заради тоа што таа разлика од 200 милиони евра, опозицијата будно со 16 очи ќе го следи нејзиното трошење. Не постојат буџетски ставки за корупција на гласачите. Постојат буџетски ставки коишто ќе дадат одредена манипулација на власта, на индиректен начин да се обиде да ги купува гласачите. Ние тоа го знаеме преку бомбите затоа што го правеле во минатото и ние тоа го знаеме согласно искуството коешто сите го имаме.

Медиуми: Очекувате злоупотреба на парите?

Заев: Јас не очекувам и знам дека нема да се случат заради тоа што имаме министер за внатрешни работи од опозицијата. 100-те дена се до 11-ти декември и јас сум убеден дека тоа нема да се случи. Испраќам денес уште еднаш порака до сите, да не ги лаже паметот да злоупотребуваат народни пари кои ќе ги враќаме сите ние граѓаните во полза на некоја политичка партија заради добивање на глас на ваков или онаков начин. Субвенциите се знаат кога се делат, кога се делат за тутун, кога се делат на градинарите, кога се делат за житото, кога се делат за сите други култури. Така да субвенциите ќе се делат со тој тренд и во годините кога нема избори. Знаеме како се плаќа трендот на времените и завршните ситуации на фирмите изведувачи. Убаво е да се платат фирмите изведувачи тие пари доаѓаат во нашето стопанство и сигурно ќе се искористат или за враќање кредити од домашното стопанство коишто веќе ги подигнале или за нов развој во Р.Македонија. Но ако се обидат преку ставки, програми, раздели и под програми да испуштат пари до граѓаните заради купување глас, верувајте законот предвидува казна затвор од 3 до 5 години и ние сме решени оваа работа да ја истуркаме до крај, секој што ќе го направи тоа да си одговара согласно закон.

Медиуми: Господине Заев стравувате ли од можно непочитување на завчера договореното. Во кои сегменти стравувате и убедени ли сте дека на 11 декември ќе има избори?

Заев: Затоа оставивме еден период на спроведување на условите и нивно завршување за да го дефинираме тоа. Јас сум поприлично убеден и заради тоа што веќе условите повеќе не зависат од политичките партии. Технички се аспектите. ДИК веќе со одлука по закон којшто се надевам денеска или понеделник во Собранието ќе го донесат усогласен како што е договорен помеѓу сите партии, 171.500 да се стават во посебниот дел на Избирачкиот список. Да нема злоупотреба на дијаспората, а некој друг гласал во нивно име. Тие се 171.500 и 80.000 веќе дефинирана дијаспора – 250.000 граѓани, во посебен дел на Избирачкиот список. Тоа се граѓани кои се три месеци или повеќе години надвор од државата и никој повеќе нема да го злоупотреби тоа нивно право на глас како државјани на Р.Македонија, некој друг порано гласал за нив. Тие 39.500 кои се сомнителни, ќе добијат рок од 25 дена да се регистрираат. Секој кој ќе се регистрира ќе биде составен дел на Избирачкиот список. Тој кој нема да се регистрира, нема да биде дел од Избирачкиот список. Ако случајно некој се пропушти, имаме јавен увид на 30 дена пред изборите, а завршува 10 дена пред изборите. Тие 20 дена секој граѓанин има право на увид така и тие 39.500 граѓани имаат право на увид. Секој никако нема да го изгуби правото да биде дел од Избирачкиот список.

Извор: www.sdsm.org.mk