Проштална средба на претседателот Иванов со амбасадорот на Словенија, Бранко Раковец

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во вила „Билјана” во Охрид во проштална средба го прими амбасадорот на Република Словенија во Република Македонија, Н.Е. Бранко Раковец.

На средбата заемна констатација беше дека односите меѓу двете земји се на исклучително високо ниво и беше искажано задоволство од политичкиот дијалог и континуираните напори за интензивирање на соработката во сите области од заемен интерес.

Претседателот Иванов се заблагодари за принципиелната поддршка која Република Македонија ја добива од Република Словенија во настојувањата за реализација на стратешките цели, потенцирајќи дека Република Македонија во Република Словенија секогаш гледа искрен пријател и партнер. Во таа насока, претседателот Иванов изрази очекувања дека и во периодот кој следи ќе продолжи соработката меѓу двете земји на планот на европските и евроатланските интеграции на Република Македонија, во рамки на Брдо Бриони Процесот и останатите регионални иницијативи.

Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во регионот и во Европа, за безбедносните прашања и потребата од засилена соработка со цел да се обезбеди мирот и сигурноста во регионот.

Амбасадорот Раковец се заблагодари за помошта и поддршката која ја уживал од претседателот Иванов, неговиот кабинет и од институциите на Република Македонија за време на должноста, нагласувајќи дека Република Словенија, како и досега, така и во иднина, ќе ги поддржува стратешките цели на Република Македонија.