Заев: Сега е време за хуманост и солидарност

Градоначалникот на општина Струмица и претседател на СДСМ, Зоран Заев, на вечерашната прес конференција апелираше да му се помогне на Скопје и населените места, да им се помогне на граѓаните кои се најзагрозени од невремето.

„Граѓаните на општина Струмица и јас како Градоначалник на оваа општина сме силно потресени од синоќешното големо невреме што се случи во нашиот главен град, кое според последните информации однесе повеќе од 20, животи, неколкумина се исчезнати, седумдесеттина граѓани се повредени, а несомнено е дека водената стихија направила и огромна материјална штета. Нема ништо полошо од вакви природни катастрофи во кои страдаат невини луѓе. Струмица денес жали, како што жали и Скопје, како што жалат и сите градови и општини во Македонија. Сакам во оваа прилика, да го споделам моето сочуство со семејствата на настраданите граѓани, како од мое лично име, така и од името на сите граѓани на општина Струмица. Посакувам вакво нешто, никогаш повеќе да не се повтори.

Апелирам до сите граѓани, во овие тешки мигови, да се воздржат од било какви препукувања по социјалните мрежи, јавно жигосување и барање виновници. Време за анализи ќе има.Сега е време да му се помогне на Скопје и скопјани, како и на населените места и нивните граѓани кои се најзагрозени од невремето. Сега е време за хуманост и солидарност кон семејствата на настраданите и кон сите други кои ги трпат последиците од невремето. За таа цел, на мој предлог, утре ќе се одржи итна седница на Советот на општина Струмица, на која би била донесена одлука за спроведување мерки и активности за собирање и испраќање помош до загрозените семејства и институции од Скопје и околината, како и од тетовскиот регион.

Ја поздравувам одлуката на Здружението „Културно забавен живот – Струмица“ за организирање на донаторска акција за собирање помош за семејствата на настраданите и загрозените од невремето, која ќе се одржи денес и утре, наместо предвидените содржини од „Струмица Опен фестивал“, и ги повикувам граѓаните на општина Струмица, да се вклучат во истата, покажувајќи ја на дело, по кој знае кој пат својата хуманост“, рече градоначалникот Заев.

Тој додаде дека во акцијата за помош на настраданите ќе се вклучат и општините Центар и Куманово.