Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во Вила Билјана во Охрид го прими Драган Човиќ, член на Претседателството на Босна и Херцеговина, кој престојува во работна посета на Република Македонија.
Двајцата соговорници констатираа добра билатерална соработка меѓу двете земји, без отворени прашања, и изразија заемен интерес за јакнење и продлабочување на соработката во сите сфери од заеднички интерес. Во таа насока, претседателот Иванов упати покана за официјална посета на трите члена на претседателството на БиХ, за време на која се планира бизнис форум, со цел интензивирање на економската соработка и зголемување на трговската размена.
Економската соработка, констатираа двајцата соговорници, не го следи нивото на политичките односи меѓу двете земји, ниту пак соодветствува со реалните можности и капацитети.
На средбата претседателот Иванов се заблагодари за дадената помош од Босна и Херцеговина по поплавите во скопскиот регион.
Двајцата соговорници разменија мислења за состојбите во регионот, во контекст на актуелните предизвици и неговите евроатлантски перспективи. Членот на претседателството, г. Човиќ го запозна претседателот Иванов со актуелните политичко-економски состојби во БиХ и со клучните предизвици на БиХ во наредниот период. Претседателот Иванов го реафирмираше интересот на Република Македонија за севкупно продлабочување на односите и соработката со БиХ и ја нагласи поддршката на евроатлантските интегративни процеси и подготвеноста за соработка меѓу двете земји на тој план.
Во поглед на состојбите во регионот, двајцата соговорници изразија загриженост од одредени ретроградни процеси, кои во актуелниот момент, кога Европа и регионот се соочуваат со сериозни безбедносни предизвици, можат дополнително да ги влошат состојбите и односите во регионот.
Заемен е заклучокот дека е неопходно низ дијалог и забрзана интеграција, како и со фокусираност на крупни инфраструктурни поврзувања, да се дојде до политичка, економска и безбедносна консолидација во регионот на југоисточна Европа. На средбата беше разгледана и можноста за дополнително интензивирање на соработката на регионален и на мултилатерален план.