Претседателот на СДСМ, Зоран Заев попладнето оствари средба со новоименуваниот амбасадор на ЕУ во Република Македонија, Самуел Жбогар.
Од врвен приоритет за Македонија се кредибилни избори на 11 декември и стабилизација на земјата по изборите, нагласено е на средбата.
„Сите напори на СДСМ се насочени кон обезбедување на слободната волја на граѓаните на Македонија. На 11 декември мора да победи и ќе победи Република Македонија. За таа цел се министрите и дополнителните заменици министри на СДСМ во техничката Влада, за таа цел партијата донесе одлука за тематски Конгрес за отворање простор за широк фронт против режимот. Промените се почнати, СДСМ гледа напред, заедно со граѓаните веќе ги поставува темелите за обнова на Македонија“, рече претседателот Заев.
Голем дел од разговорот беше посветен на Програмата на СДСМ со којашто Социјалдемократскиот сојуз економски ќе ги стабилизира семејствата и претпријатијата, ќе обезбеди социјална правда, институции на граѓаните, демократско општество со независно судство и професионални медиуми, практично се она што е наведено како приоритет во Извештајот на Прибе.
На средбата е изразена заедничка согласност дека местото на граѓаните и на Македонија е во Европската унија и во НАТО и дека тој пат може да го трасира само демократска и одговорна Влада избрана на слободни и регуларни избори.