Општина: Ние работно ангажираме и вработуваме согласно строгите законски одредби

Во врска со денешната прес конференција на ОО на СДСМ Охрид, реакција испрати Општина Охрид во која стои:

„Замената на тези како средство за правдање на катастрофалните политики што ги практикуваше СДСМ во Охрид, а кои го девастира градот до темел, им се добро познати на охриѓани. Така и екстремната партизација и непотизмот кои беа суштинска одлика на нивното осум годишно владеење.

А за стручноста на кадрите кои тие ги ангажираа доволно говори состојбата на градот во 2013 година: 50 милиони евра долг, блокирани сметки на сите локални институции, загрозени општински имоти поради хипотеки, бројни неисплатени надоместоци на вработени, 600 судски спорови против општината, урбан хаос. Охрид е мало место , охриѓани ова многу добро го знаат и со ниедна замена на тези не може да биде маскирано.

Екстремно се разликуваме дури и во начинот на вработување. Тие правеа фиктивни вработувања и за повеќе од половината не исплатија ни денар. Ние работно ангажираме и вработуваме согласно строгите законски одредби, плаќаме до денар за секоја минута работен ангажман, а освен тоа ги плаќаме и надоместоците за вработувањата кои тие ги направија, за манипулативни цели без да им го надокнадат тоа што охриѓани со труд и пот го одработиле.“– се вели во реакцијата.