Наумоски: Бакрачески и ДПМНЕ повторно решиле нови партиски кадри да сместуваат по општинските канцеларии

ОО на СДСМ Охрид, денес се одржа прес-конференција на која говореше портпаролот на ОО СДСМ Охрид, Мишел Наумоски.

„Режимот на Никола Груевски и фамилијата се обидува до крај да ги урниса темелите на сите институции во Република Македонија, пред да замине на буништето од историјата.

Токму затоа, по теркот на веќе познатите нивни криминални практики, сведоци сме дека без око да им трепне и натаму ги полнат институциите со нестручни и неквалификувани кадри, нивни послушници, кои потоа на товар на вредниот и чесен македонски граѓанин ќе ги прават валканите работи на режимот.

Охриѓани не можат и нема да замижат пред класичната злоупотреба на локалната власт и партиските вработувања, со кои ВМРО ДПМНЕ се обидува да ги награди своите партиски војници и послушници.

Никола Бакрачески и ВМРО ДПМНЕ повторно решиле нови партиски кадри да сместуваат по општинските канцеларии.

Безмалку целиот свој мандат градоначалникот ја убедува охридската јавноста дека локалната самоуправа е превработена, гломазна и неефикасна.

Зошто тогаш сега вработува нови 14 партиски послушници, кои ќе бидат распореди низ општинските сектори?!

До кога партиската слепа послушност во ВМРО ДПМНЕ ќе биде единствениот критериум за вработување во администрацијата?!

До кога младите образовани, способни и стручни кадри оваа некадарна власт ќе ги принудува да се иселуваат од Охрид?!

До кога функционери на ВМРО ДПМНЕ во Охрид ќе си ги вработуваат членовите од нивните семејства на најатрактивните работни места во администрацијата?!

СДСМ и опозицијата по победата на изборите на 11 декември ќе стават крај на непотизмот и на партиските вработувања.

Шанса ќе добиваат стручните и способни кадри, луѓе со идеи, со визија, со храброст.

Промените се случуваат, слободата доаѓа.“- истакна Наумоски.